Четата на Жозе Мурињо одигра само 1:1 со Валенсија во првото коло, а во второто коло го забележаа и првиот пораз. Овој пат тие се сопнаа во предградието на Мадрид, на стадионот на Хетафе. Ова е најслаб старт на Реал Мадрид во последните 11 сезони.
Мадриѓаните можеа да поведат во 16-та минута, но Озил успеа да ја погоди пречката од само пет метри. Сепак Гонзало Игуаин погоди во 28-та минута и Реал Мадрид на полувремето замина со предност и сите очекуваа дека во второто полувреме тие рутински ќе го задржат или зголемат водството.
Сепак Хетафе во второто полувреме ги шокираше соседите. Најпрвин израмни Валера во 53-та минута, а во 75-та минута Абделазиз Барада направи комплетен пресврт.
Да бидат маките на Мурињо уште поголеми, пред крајот на натпреварот Коентрао заработи и црвен картон.
За разлика од Реал, екипата на Барселона се намачи, но ја оправда улогата на фаворит на гостувањето кај Осасуна.
Домаќините поведоа во 17-та минута, но Лионел Меси ја спаси Барселона со два гола и пресврт за четири минути во второто полувреме.