Првпат за 40 години Реал Мадрид не купи ниту еден играч

Преодниот рок за речиси сите европски лиги заврши. И покрај најавите за штедење и оптимизација на трошоците предизвикани од глобалната пандемија, некои клубови решија да потрошат многу пари на трансфери за нови засилувања.

Преодниот рок во европските лиги заврши. Во последен момент Манчестер Јунајтед ги потпиша Телес и Кавани а Томас Парти за 50 милиони се пресели од Атлетико во Арсенал.

20 НАЈГОЛЕМИ ТРАНСФЕРИ ЗА СЕЗОНАТА 2020/2021:

1. Кај Хаверц од Баер Леверкузен во Челси за 80 милиони евра
2. Артур од Барселона во Јувентус за 72 милиони евра
3. Виктор Осимхен од Лил во Наполи за 70 милиони евра
4. Рубен Диаш од Бенфика во Ман. Сити за 68 милиони евра
5. Миралем Пјаниќ од Јувентус во Барселона за 60 милиони евра
6. Алваро Мората од Челси во Атлетико Мадрид за 56 милиони евра (но клубот од Мадрид веќе го прати на позајмица Мората во Јувентус за 10 милиони евра на 1 година и опција на откуп на договорот вреден 45 милиони евра)
7. Тимо Вернер од Лајпциг во Челси за 53 милиони евра
8. Бен Чилвел од Лестер во Челси за 50,2 милиони евра
9. Мауро Икарди од Интер во ПСЖ за 50 милиони евра
10. Томас Парти од Атлетико во Арсенал за 50 милиони евра
11. Натан Аке од Борнмут во Ман. Сити за 45,3 милиони евра
12. Лерој Сане од Ман. Сити во Баерн за 45 милиони евра
13. Диого Жота од Вулвс во Ливерпул за 44,7 милиони евра
14. Ашраф Хакими од Реал во Интер за 40 милиони евра
15. Хаким Зиеш од Ајакс во Челси за 40 милиони евра
16. Фабио Силва од Порто во Вулвс за 40 милиони евра
17. Дони Ван Де Бек од Ајакс во Ман. Јунајтед за 39 милиони евра
18. Весли Фофана од Сент Етјен во Лестер за 35 милиони евра
19. Џовано Ло Селсо од Бетис во Тотенхем за 32 милиони евра
20. Џонатан Давид од Гент во Лил за 32 милиони евра

ЗАНИМЛИВОСТИ

- Алваро Мората веќе ни самиот не знаеше за кој клуб ќе игра. Атлетико Мадрид прво го откупи неговиот договор од Челси, Шпанецот играше минатата сезона за Атлетико како позајмен играч, а пред неколку недели отиде на позајмица во Јувентус (10 милиони + право на откуп 45 милиони евра)

- Артур се најде на високото 2. место најмногу благодарение на итриот трансфер меѓу Јувентус и Барселона. Клубовите решија играчите да си ги продадат по јавно објавени цени, со цел да пишат приходи по 50 милиони во финансиската одговорност пред фер плејот на ФИФА и УЕФА.

- Ливерпул го доведе Диого Жота за 41 милион фунти плус 4 милиони фунти во зависност од бројот на одиграни мечеви на Жота и успеси на клубот во Премиер лига и Лига на шампиони. Притоа Вулверхемптон се согласил Ливерпул да му плати веднаш 4 милиони фунти и уште 1 милион фунти во декември. Останатите пари на рати во следните години.

- Џонатан Давид е единственото име во овие Топ-20 за кој можеби не сте слушнале. Станува збор за уште еден млад канадски суперталент (има само 20 години) кој во минатата година постигнал 23 гола за Гент а летово се пресели во француски Лил. Тука Давид ќе треба да го замени Виктор Осимхен кој отиде во Наполи и влезе во Топ3 најскапи трансфери годинава.

Но Давид уште се адаптира на францускиот фудбал - во првите 6 кола беше во прва постава но не даде ниеден гол.

- Рекордот за оваа 2020/2021 сезона го држат Челси и Кај Хаверц кои го повторија рекородот на Сините со голманот Кепа платен 80 милиони евра! Германскиот бисер Хаверц веќе има 1 асистенција на 4 меча во Премиер лигата и хет-трик во Лига Купот (прв негов хет-трик во кариерата).

- Челси е најголем трошаџија во овој поради глобалната пандемија, продолжен и многу долг трансфер преоден рок. Во Топ10 освен најскапиот трансфер на Хаверц, влегоа и Тимо Вернер и Бен Чилвел а во Топ15 и Хаким Зиеш од Ајакс.

Челси потпиша договор и со голманот Менди за 24 милиони евра и со слободните агенти Тиаго Силва и бекот Сар.

БАЛАНСИ ПО ТРАНСФЕР РОК:

Челси - потрошил 247,2 милиони евра, заработил 76 милиони евра = -171,2 милиони евра
Манчестер Сити - потрошил 156,8 милиони евра, заработил 60 милиони евра = -96,8 милиони евра
Лидс Јунајтед - потрошил 88,2 милиони евра, заработил 0 = -88,2 милиони евра (најскапа аквизиција шпицот Родриго 30 милиони евра)
Тотенхем - потрошил 98,4 милиони евра, заработил 13,3 милиони евра = -85,1 милион евра (најскапо платен играч Џовани Ло Селсо 32 милиони евра)
Астон Вила - потрошени 82,35 милиони евра, заработка 0 = -82,35 милиони евра
Парма - потрошени 76,41 милион евра, заработка 4,6 милиони евра = 71,81 (најскапа аквизиција Роберто Инглезе 18 милиони евра)
Евертон - 74,87 милиони евра потрошени, заработка 4,43 милиони евра = -70,44 милиони евра (најскапа аквизиција Бен Годфри 27,5 милиони евра)
Арсенал - потрошени 86 милиони евра, заработил 17,65 милиони евра (најскапа аквизиција Томас Парти 50 милиони евра)
Севиља - 69,5 милиони евра потрошени, заработка 9,5 милиони евра = -60 милиони евра (најскапа аквизиција Сусо 24 милиони евра).

Премиерлигашите имаат најлош трансфер баланс на заработка - потрошувачка. Англиските клубови потрошиле 1 милијарда и 370 милиони евра, а заработиле 473,47 милиони. Минусот им изнесува 896,53 милиони евра.

Во Серија А потрошиле 746,84 милиони евра на трансфери, а заработиле 709,08 милиони и минусот им изнесува 37,76 милиони евра.

Францускуте клубови на трансфери одвоиле вкупно 433,53 милиони евра а заработиле 376,25 милиони евра. Минусот им е 57,28 милиони евра.

Единствени во дебел плус се шпанските клубови од Ла Лига кои потрошиле 411,8 милиони евра но и заработиле 494,25 милиони евра. Плусот им изнесува добри 82,45 милиони евра.

Германците, традиционално, внимателно трошеа па така се во позитивен плус од 1,7 милиони евра. Потрошиле 323,2 милиони евра а заработиле 324,9 милиони евра.

ПРЕМИЕР ЛИГА НАЈПОГОДЕНА ОД КРИЗАТА СО КОРОНА ВИРУС

Англиските клубови заземаат 8 од 10 места на листата најлош баланс на трансфер пазарот но и натаму не ги надминаа претходните три преодни прозори кога се трошеа милијарди.

Но оваа сума може да се корегира затоа што до 16 октомври Премиерлигашите ќе можат да купуваат играчи од пониските англиски лиги. 5 премиерлигаши веќе ги обновија своите трансфер рекорди - Вулверхемптон (Фабио Силва), Астон Вила (Оли Воткинс), Лидс (Родриго), Шефилд Јунајтед (Рајан Брејстер) и Вест Бром (Грејди Диангана).

РЕАЛ МАДРИД НЕ ПОТРОШИЛ НИ БАНКА НА НОВИ ТРАНСФЕРИ, ПРВПАТ ПОСЛЕ 40 ГОДИНИ

Верувале или не, оваа 2020-та година стварно ќе се памти по многу чудни нешта, па така и по тоа дека најголемиот трошаџија на сите времња, мадридски Реал не купи ниту еден играч летово.

Првпат од 1980-та година Реал Мадрид не направил ниту еден траснфер. Ова беше помалку и очекувано затоа што претседателот Флорентино Перез вложи 600 милиони евра во целосна реконструкција на „Сантијаго Бернабеу“ и изјави дека трансфери нема да има летово.

Притоа шампионот на Шпанија заработи околу 100 милиони евра и неочекувано стана најдобар по трансфер балансот летово. Офанзивниот бек Хакими го продадоа во Интер за 40 милиони евра плус бонуси, бекот Регулион го продадоа кај Мурињо во Тотенхем за 30 милиони евра + евентуални 5 милиони од бонуси. Хамес отиде во Евертон (медиумите уште нагаѓаат дали бесплатно или за неофицијални 25 милиони ева), Оскар Родригез отиде во Севиља (15 милиони евра за 75% од правата на договорот на играчот).

Реал многу се заштити и со тоа што се ослободи од Герет Бејл за кого требаше да платат плати до 50 милиони евра. Многумина сметаат дека Реал се остри за Мбапе во летото 2021. 

Во сериозен позитивен плус и одлични заработки се Реал Мадрид (+98,5 милиони евра), Борнмут (+88,05 милиони евра), Баер Леверкузен (+64 милиони евра - потрошил 31,5, заработил 95,5 милиони евра од кои 80 за Кај Хаверц од Челси), Ајакс (+60,25 милиони евра, го продадоа Зиеш за 40 милиони евра во Челси), Валенсија (+59,5 милиони евра, Родриго во Лидс за 30 милиони ева), Лил (+53,7 милиони евра, го продадоа Осимхен за астрономски 70 милиони евра), Порто (+53.25 милиони евра, го продадоа Фабио Силва во Вулвс за 40 милиони евра), Вотфорд (+47,5 милиони евра), Наполи (+40,98 милиони евра, го продадоа Алан за 25 милиони евра во Евертон), Сент Етјен (+39,5 милиони евра, го продадоа Весли Фофана во Лестер за 35 милиони евра).

Барселона се ослободи од платите на Суарез, Видал, Ракитиќ, Артур, Семедо, Перез и Кукуреља, но го задржа Лионел Меси и неговата плата. Каталонците потрошија на следните трансфери: Пјаниќ (60 милиони), Тринкао (31 милион), Дест (21 милион евра).

Валенсија продаде се што можеше да продаде, па тренерот Хавиер Грасија е разочаран и веќе и кажал на управата дека сака да си оди. Раководството на Валенсија не донесе ниту едно сериозно засилување, навивачите со денови протестираа кај стадионот и бараа оставки. Клубот од Местаља ги продаде: Родриго (Лидс, 30 милиони), Феран Торес (Сити, 23 милиони), Кокелан (Виљареал, 6,5 милиони), а на капитенот и најдобар играч Парехо не му продолжија договор и го пуштија како слободен играч.