Тимот од Глазгов проценет на 50 милиони евра синоќа со 1:0 загуби од дечки собрани „од маало“ меѓу кои има келнери, полицајци, мајстори, ѕидари, риболовци.
Во последниот ред им играат полицаец и службеник кој работи на граница, десното крило им го покрива градежен мајстор, а левото човек кој работи на смени во јавната администрација. Полушпицот на Гибралтар е работник на луката, а во шпицот игра уште еден полицаец. Токму последниот се испостави како клучен во синоќешната сензација кога аматерскиот Линколн Ред Импс со 1:0 го победи Селтик.
„Келтите“ од Глазгов на тој начин го претрпеа најсрамниот пораз во клупската историја, а тренерот Брендан Роџерс кој беше доведен да го прекине трендот на рана елиминација од Европа изјави дека „не било срамота да се изгуби од Гибралтар“.
Стрелецот на единствениот гол Ли Кашаро освен за апсење проблематични луѓе, се специјализирал и за голови против Шкотите. Кашаро минатата година го даде првиот гол во историјата на фудбалски признатиот Гибралтар токму против Шкотска, на Хемпден Парк а синоќа го сруши и славниот Селтик со гол во 48. минута од мечот.
Необично е што напаѓачот кој по професија е џандар годинава дал повеќе голови во Лигата на шампионите отколку што привел и апсел луѓе. Гибралтар секако дека не е познат како оаза на криминалот, но сеедно ова звучи добро. Името на Гибралтар потекнува од Арапското име Гиб ел Тарик што значи „Карпата од Тарик" и се однесува на Берберскиот војсководец Тарик Ибн-Зијад, кој го предводел нападот на Умајадскиот калифат на Иберија во 711 година.
Линколн Ред Импс е тим оформен врз младиот состав на полицијата на Гибралтар во средината на 1970-те години и игра во првата лига од 1984. година. Од тогаш до денес доминираат во Премиер Дивизијата со освоени 22 титули во претходните три децении. Тие исто така имаат освоено и тројна круна во Лигата, Рок Купот и Сениор Купот дури седум пати.
Кога Гибралтар доби полноправно членство во УЕФА во 2013. година, Линколн ја имаше честа да биде првиот претставник во квалификациите за Лига на шампиони следната годиа. Загубија тогаш од екипата ХБ од Фарски Острови со вкупен резултат 6:3 во првото коло, но во 2015-та го елиминираа претставникот на Андора, Естади Комунал Андора ла Вела со победа од 1:2 на гости. Во следното 2 коло лани загубија од Митјиланд со вкупен резултат 3:0.
Тренер на Линколн е поранешниот репрезентативец на Уругвај, Хулио Рибас кој е познат по двата престоја во Пењарол. За време на првиот престој во клубот од Монтевидео ја освои титулата во 1999. година, но година дена подоцна го затвориле на осум дена поради учество во голема тепачка меѓу играчите и тренерите во дербито со Национал.
ГОЛОТ НА ЛИ КАШАРО:
„Навистина неверојатна вечер за нас. Имавме тактика, бевме брзи и знаевме дека ќе им сметаат времето и теренот. Се браневме и ја чекавме својата шанса. Луѓето сонуваат цел живот за вакви прилики, резултатот е неверојатен. Го срушивме Селтик и тоа ќе го паметиме цел живот“, изјави напаѓачот и полцаец Ли Кашаро (35) после мечот.
Единствениот стрелец овојпат не бркаше други, туку бегаше од стоперите на Селтик и успеа да ги шокира момците на Брендан Роџерс, некогашниот тренер на Ливерпул.
„Знаев дека стоперите им се спори, а јас прилично брз. Сигурен бев дека нема да ме стигнат кога ќе ја протнам топката покрај нив и успеав да дадам гол. Никогаш нема да го заборавам ова. Кој знае, можеби и во реваншот им направиме проблем“, констатира полицаецот од Гибралтар.
Брендан Роџерс не гледа никаков проблем во поразот од аматерите.
„Не е никаква срамота, но разочарани сме. Игравме во тешки услови, не ги искористивме своите шанси, тие своите ги искористија и тоа е тоа“, вели тренерот на екипата која што вреди 50 милиони евра.