„Колку чини Кавани? Тој е бесценет. Јас не би продал него ниту за 100 милиони евра!“, еднаш изјави претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис.
Но како што е познато, зборот не секогаш соодвествува со постапките. Кога прими великодушна понуда од ПСЖ, Де Лаурентис без одложување се ослободи од Уругваецот и изјави дека бил принуден на тоа поради пари. После ваквиот развој на настаните Кавани тогаш изјави дека може да се врати во својот омилен клуб некогаш, само ако на кормилото не е ексцентричниот режисер.
Луис Кавани, татко му на Единсон, во младоста бил фудбалер и стигнал дури и да настапи неколку пати за репрезентацијата на Уругвај. Тој отсекогаш бил најголем навивач на својот син и му пружал голема поддршка.
Родителите на идниот фудбалер планирале да го крстат во чест на познатиот научник Едисон, но при пишување во изводот од матично имало додадена буква н. Кариерата на Кавани почнала во локалниот клуб Данубио којшто има репутација на голем извор на таленти и снабдувач за големите европски екипи.
Патот до најдобрите европски лиги во овој клуб го започнале: Валтер Гаргано, Диего Форлан, Аларо Рекоба и Ернесто Шевантон.
Семејството Кавани потекнува од Италија: Прадедо му на Единсон бил роден во Маранело, живеел на Сицилија, а подоцна емигрирал во Јужна Америка како и многу негови сонародници. И сосема симболично што Кавани своето деби во Европа го имаше во Серија А и тоа токму на Сицилија.
Младиот Единсон претходно постигна седум гола на младинското првенство на Јужна Америка за играчи до 20 години и го привлече вниманието на многу големи екипи, но на крајот се одлучи за скромниот Палермо кој за него плати 4,5 милиони евра.
Во младоста Кавани го викале „Ситниот“, поради тоа што бил физички слаб и ретко добивал дуели. Од друга страна, тој во Италија се покажа како моќен напаѓач секогаш насочен кон противничкиот гол. Неговата физичка конституција не му правеше проблем во дуел со силните стопери.
Во сезоната 2009/2010 весниците почнаа да пишуваат со гласините за трансферот на Уругваецот. Овие натписи не им се допаднаа на навивачите на Палермо коишто во декември 2009-та ги нападнале играчите поради слабите резултати.
„Се сеќавам дека неочекувано два пати ми го скршија стаклото од колата во моментот кога одев во тренинг базата. Апсурдно беше, бев во ужас“, раскажуваше тогаш Кавани за италијанските медиуми.
Следната сезона Кавани ја почна на позајмица во Наполи, а година дена подоцна премина во овој клуб врз основа на договорот за откуп. Во Неапол напаѓачот ја помина најдобрата етапа во својата кариера. Стана народен миленик, а во сувенирниците се појавуваа многу производи со неговиот лик: од кригли до знаменца и налепници.
Еднаш во Неапол на улица ја ограбиле жена му Марија и и го земале часовникот и чантата. Неколку дена подоцна сите биле спокојни затоа што интервенирала мафијата која што го нашла сторителот кој ги вратил украдените работи.
На една од улиците во Неапол тогаш се појавил мурал/графит со ликот на Кавани а отворена е и пицерија со неговиот прекар El Matador. Меѓу поклониците на Единсон бил и поранешен личен соработник на наркобаронот Пабло Ескобар - Џон Хајро Веласкез познат по прекарот Попај. Такво внимание не добил на времето ниту Марадона.
Во 2013. година ПСЖ вложи 64,5 милиони евра за Уругваецот и пред заминувањето, многу навивачи дошле да се простат со нивниот Еди. Напаѓачот се појави на насловната страна на Corriere dello Sport со наслов и поднаслов: „1000 незаборавни дена, 104 посебни настани прославени со вас. Небесно-сини засекогаш во моето срце. Благодарам за вашата љубов. Грацие Наполи“.
Во Франција Кавани играше како левокрилен напаѓач покрај Ибрахимовиќ кој беше централен шпиц на ПСЖ. Тоа се одрази на формата и самодовербата на Уругваецот кој често промашуваше чисти зицери и беше предмет на критики од навивачите и новинарите.
Но најмногу го погоди веста за апсење на неговиот татко кој под дејство на алкохол удрил со кола и на место усмртил 19-годишен мотоциклист. „Тоа беше несреќен случај за кој е нужно да платите. Таков е законот на животот. Ова се најтешките часови во мојот живот“, призна Кавани во изјава за L'Equipe.
По заминувањето на Ибрахимовиќ сите прашуваа кој ќе го замени? Не заборавајте дека во клубот имам прекрасен напаѓач - тоа е Единсон Кавани“, рече претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи.
Летото 2016-та Марек Хамшик го викал Кавани да се врати назад, но Уругваецот реши да остане во ПСЖ и по заминувањето на Ибра ја врати довербата кај навивачите и соиграчите, а и кај тренерот Унаи Емери.
Неодамна го постигна својот 100. гол за ПСЖ кој го посвети на загинатите бразилски фудбалери од Шапекоенсе. Кавани важи за длабоко религиозен човек, а и покрај тоа што во Париз навивачите не го третираат како во Неапол, тој не ги разочара.
Во моментов Единсон Кавани е убедливо најдобар стрелец во Франција со 16 голови.