Вонземјаните, кучињата и Левандовски
Ако вонземјаните навистина постојат, најдобра писта за слетување на нивниот апарат е стадионот на Баерн во северен Минхен. А кога ќе ја видат „Алијанц Арена“ со свои очи и самите ќе се восхитат.
Кога се изгради овој ’вселенски’ објект, фасадата на „Алијанц Арена“ по првобитна замисла константно ја менуваше својата боја во црвена, бела и сина, но полицијата поради честите незгоди на автопатот до стадионот побарала нијансите да се менуваат само еднаш на половина час и тоа само навечер.
Со арената е поврзан уште еден куриозитет. Тука не се дозволени кучиња. Да, за Минхен звучи необично, но локалните граѓани никогаш не ги шетаат кучињата кај стадионот.
Во Германија има општ данок на куче и изнесува 120 евра годишно, а секое куче има идентификациски број, пасош и жетон. Кучиња од секакви раси може да се сретнат во бутици, во пивници или дури и во метро. Но на “Алијанц Арена“ домашните миленици категорично се забранети.
Пред извесно време пред музејот на Баерн имало неколку демонстранти со германски овчари кои организирале протест пред скалите на влезот, но акцијата кратко траела поради студот а правила се правила. Секако, ако одлуката за влез на четвороножци на стадионот ја носел лидерот на нападот на Баерн Минхен, Роберт Левандвоски, тој би гласал ’за правата на животните’:
„Како помал тренирав со куче, на него испробував тренинзи. После кога требаше да работам на брзината, трчав заедно со него. Па се повредив и сфатив дека во трка со кучето се изморував многу и ме болеше ’рбетот“.
Комбинираната екскурзија по „Алијанц Арена“ (стадион плус музеј) чини 19 евра и почнува во пивницата. Таа е нешто слично на автобуска станица: импозантна големина и просторија со големи столбови во која има дрвени столици. Во Германија пиво не се препорачува само за гасење жед, туку и за загревање. Кога ќе се појави жената водач на екскурзијата, присутните дознаваат секакви информации за пивницата.
Уште на прв поглед ќе видите дека екскурзијата низ стадионот кој се отвори во мај 2005-та, беше домаќин на шест меча од Светското 2006 и финалето на Лига на шампиони 2011/12, е мошне богата.
ДОЛГОТ ОД КРЕДИТОТ ЗА СТАДИОНОТ ВРАТЕН 16 ГОДИНИ ПРЕД ВРЕМЕ
„Алијанц Арена“ има капацитет од 75.000 места и има 106 ложи. Изнајмувањето на најскапите места изнесува скоро пола милион евра, но можат да се резервираат на пет години однапред. Седиштата во ложите се направени од 2.760 специјални душеци надуени со сув воздух.
800-метарскиот клупски фан-шоп е најголем во Европа. Целиот износ за изградба на арената бил 340 милиони евра, плус 210 милиони евра за средување на инфраструктурата околу арената, но тоа било обезбедено од градскиот буџет.
Баерн на компанијата „Алијанц“ му ги продал правата за спонзорство на Арената на 30 години, а во 2014 година потполно го затвориле долгот од кредитот за стадион. Дури 16 години пред рокот. Тоа делува импресивно, иако се знае дека стадионот е преполн против кого и да игра Баерн.
ГОСТИ ОД САО ПАУЛО ДО ИНДИЈА
Разгледувањето на Арената почнува од вториот прстен на стадионот. Погледот од таму е надреален: зелен правоаголник осветлен од специјални рефлектори, конструкција чијшто дизајн потсеќа на колонизација на Марс.
Тревникот на теренот одржува температура од +10 степени дури и кога надвор е -10. Оваа технологија (дренажа) сега се користи на сите модерни стадиони.
Водачот културно одговара на сите прашања, па дури и на оние истите кои се повторуваат по 20 пати. Водичот знае и да потпраша: ’За кого навивате’, а одговорите се различни: Шалке, Севиља, Сао Пауло, Ливерпул, Гвангжу Евергранде, Левски Софија, Меси.
Жената водич ќе ви каже и дека според скорешно истражување меѓу германските мажи и жени на возраст од 14 до 59 години, за Баерн Минхен навива четвртина од населението во земјата.
ПРИВРЕМЕНАТА СОБЛЕКУВАЛНА СО ЛАВОВИТЕ И ЗАТВОР
Во соблекувалната на Баерн денес не може да се влезе, затоа што се прави козметички ремонт. Но за секој случај, Баварците направиле “лажна“ соблекувална за посетителите кои може да ја видат некогашната привремена соблекувална. Во неа има црвени клупи со шкафчиња, фотографија од секој играч на неговото шкафче. Просторот најчесто се користи за снимање реклами со играчите.
Но во другата соблекувална која што за домашни натпревари ја користи вториот клуб од Минхен, Минхен 1860 може да се влезе без проблем.
Овој клуб е една година постар од Баерн и на 6. март ќе прослави 118 години од постоењето. ’Лавовите’ сега играат во втората германска Бундеслига и не може да се пофалат со успех - тимот е во втората половина од табелата во Цвајта.
На почетокот, Минхен 1860 и Баерн имале заедничка сопственост врз стадионот, но потоа почнале финансиските проблеми за ’Лавовите’ кои за 11 милиони евра го продале својот дел на далеку поуспешниот градски ривал.
Најголем удар за Минхен 1860 бил корупцискиот скандал во чие средиште бил претседателот на клубот Карл-Хајнц Вилдмозер постариот и неговите синови. На крајот тој завршил во затвор, а клубот не може да се опорави од тој удар.
Затворен претседател имаше и Баерн Минхен: 65-годишниот Ули Хенес. Трикратниот освојувач на Купот на шампионите и трикратен германски првак како играч, ја завршил кариерата на 27 години поради повреда и станал најмладиот тренер во Бундеслигата.
Во музејот на Баерн тој има посебно место: фотографии, видео снимки, веднаш станува јасно дека е легенда на германскиот фудбал. Благодарение на неговата умешност и познанствата со луѓето од клубот, Хенес станал раководител во еден од најуспешните светски клубови.
Набрзо станал и претседател и неприкосновено го водеше Баерн се до откривањето на скандалот: затајувал данок и имал отворена сметка во Швајцарија. На судот се докажало дека тој ја оштетил државата за 3,5 милиони евра, после што Ули признал дека е многу повеќе и се покајал.
„Бев кретен и свиња. Криев 30-35 милиони евра од државата. Ќе се обидам да платам се што можам“.
Но затвор не му бегаше и одлежа 3 години и 6 месеци во затвор, но поради добро поведение работел како магационер и заработувал по 1,87 евра по час коишто ги донирал во добротворни цели а го пуштиле порано откако одлежал половина од казната. Во затвор Ули не губел време и станувал добар современ човек: “Таму не зборував на телефон, воглавном праќав СМС пораки. Ги изучив основите на IT, и научив малку шпански јазик“. Во ноември 2016-та Хенес одново беше избран за претседател на Баерн Минхен до 2019. година.
МАСАТА НА КЛИНСМАН И ФИГУРА НА МИЛЕР
Во музејот на Баерн Минхен централно место заземаат трофеите: 26 „салатари“ - трофеи за титула во германско првенство, тие се под стакло на специјален постамент на кој на кратко е опишана историјата на успехот. Секое стакло е осигурано на 50.000 ерва, а блесокот од среброто на трофејот просто ве заслепува.
Постојат и поедноставни експонати: стол од канцеларијата на Баерн на која што Хенес 8 часа се договарал со напаѓачот Јирген Клинсман, светски шампион а потоа и селектор на Германија и САД. Човек кој го измени германскиот фудбал со својот американски професионализам.
Самата маса е од дрво, ништо посебно, но важи за симбол на практичност. На неа Клинсман во 1995 година ја проверувал секоја запирка од договорот и тоа цело едно работно време од 8 часа.
Во составот на Баерн играле четворица фудбалери коишто ја освоиле “Златната топка“ за најдобар светски фудбалер. Тројца од нив биле прогласувани и за најдобар играч на Европа - Герд Милер (1970), Франц Бекенбауер (1972, 1976), Карл-Хајнц Румениге (1980, 1981). Лотар Матеус стана најдобар во 1990-та година по триумфот на Германија на Мундијалот ’90.
Во музејот на Баерн има и восочни фигури од многу познати тренери и играчи како Карло Анчелоти, Пеп Гвардиола и Томас Милер, а најмногу фотографии се правеле токму со германскиот репрезентативец.