Не биле само Англичаните казнети за нова година

Традиционално во фудбалот само едно национално првенство не забавува "во најлудата ноќ" од годината, а тоа е Премиер лигата. Освен Англичаните кои не смеат по дочекот за новата година да имаат мамурлак, уште една екипа мораше да тренира, но тоа се случи пред 26 години.

Приказната ни доаѓа од Италија, земјата на фудбалот, каде стратегот Еуџенио Берселини ги мразел новогодишните и божиќните празници. Поради очајните партии и слабите резултати, како предводник на Фиорентина тој ги казнил своите фудбалери и не им дозволил да го прослават дочекот на новата година.

„Виолетовите" во првиот дел од сезоната имале освоено само 9 бода, што било премалку за тим кој воопшто не ни размислувал за испаѓање во втората лига. Екипата тренирала на 31 декември и 1 јануари, во пресрет на најтешкиот натпревар во сезоната против тимот на Наполи кој се одиграл на 4 јануари.

Иако тоа беше време кога кај Наполитанците настапуваше Диего Армандо Марадона кој веќе наредната сезона го освои скудетото, "жртвата" на фудбалерите на Фиорентина се исплатела. Конечниот резултат завршил 3:1 за играчите кои наместо тој ден да наздрават со шампањ, ја подготвувале тактиката против силниот противник.

На крајот на првенството (1986/1987) Фиорентина завршила на 10 место на табелата, а во тоа време претседател на клубот бил Пјер Џезаре Барети, кој му дал целосна поддршка на строгиот тренер.

3 јануари 2013 - 19:33