Најтрофејниот трет резервен голман на светот е од Бенфика

Освоил 12 големи трофеи со само 11 натпревари за 13 сезони во составот на Бенфика и важи за најтрофејниот трет резервен голман на светот.

Неверојатните достигнувања на Пауло Лопез како голман кој цели 10 години седи на клупата за резерви и не е ниту прва замена на првиот голман, излегле на виделина во јули годинава кога Пауло Лопез решил да ја заврши кариерата.

„Да, во право се. Јас сум роден да победувам“, го почнал 40-годишниот Лопез разговорот за БиБиСи.

Во светот на фудбалот има многу необични приказни за голмани кои ретко кога застануваат на голот и најчесто се на клупата за резерви. Во Англија на пример такви беа Роберт Грин во Челси, Ричард Рајт во Манчестер Сити, Ли Грант во Манчестер Јунајтед па и евергринот Стјуарт Тејлор - сите трети голмани во своите клубови но ниту еден со трофеи како ветеранот од Бенфика.

„Многу сум среќен со овие бројки во кариерата. Тие се дел од моите достигнувања и значат посебно во мојата кариера. Горд сум и задоволен затоа што кога ги погледнувам (пехарите и медалите), чуствувам како сум бил вреден, во служба на тимот“, додава веќе ветеранот Лопез.

Тој првите паради ги правел во младинската школа во Бенфика но до првиот тим стигнал по заобиколен пат во 2002. По напуштањето на клубот, следните десет години ги минал меѓу првата и втората лига во Португалија со повеќе од 200 настапи. Еден е од најзаслужните што тимовите Трофензе и Феирензе некогаш се пласирале во првата лига.

На 34 години во 2012 му се јавиле од Бенфика да се врати на „Луж“.

„Мислев дека е шега некоја“, вели голанот на кого му се јавил легендарниот Руи Коста кој тогаш беше спортски директор на Бенфика.

****

Конечно дебито за својот омилен клуб го имал на 8 октомври 2012, сезона во која имал дури пет старта како прв голман. Бранел и против Зенит во Лигата на шампионите во 2014.

„Огромно задоволство беше да се вратам во Бенфика. Тоа беше признание за мојата голманска работа низ кариерата и мојата вредност како професионален фудбалер.

Кога прифатив да се вратам, секако, сакав да бранам повеќе и со таа цел се вратив. Најдобрите играат за Бенфика и само најдобрите имаат простор да бидат во екипата. Мене ми успеа тоа. Бев среќен. Тоа беа успешни години, без разлика дали бев прв избор или не.“

Во претходните десетина години секогаш бил во сенка на Едерсон кој за страшна сума премина во Манчестер Сити, па во сенка на легендата на Интер Жулио Цезар како и на долгогодишниот ас на Атлетико Мадрид Јан Облак.

****

Пауло Лопез бил дел од екипата која ја освојуваше Португалската Примеира четири сезони по ред од 2014 до 2017, плус освоил два Португалски Купа (Taca de Portugal), три Лига Купа (Taca da Liga) и три Супер Купа (Supertaca Candido de Oliveira).

"Скромно, можам да кажам дека направив добра работа и секогаш на најдобар можен начин бранев. Јасно е дека сакав да бранам повеќе, но поважно е што бев во еден од најдобрите клубови во Европа, со најдобри играчи па конкуренцијата е многу силна."

Откако летово решил да ги закачи ракавиците на клин, тој добил признание со тоа што го поставиле за тренер на голманите во Бенфика У-23.