Кога Монако бо 2014-та реши драстично да го намали клупскиот буџет откако претходно потроши 140 милиони фунти во еден преоден рок со цел да се брка со богатиот ПСЖ, малкумина очекуваа овој клуб да конкурира за високо место.
Потпретседателот Вадим Васиљев тогаш изјави дека клубот повеќе ќе се фокусира на нивната младинска школа отколку на скапи играчи каков што беше Радамел Фалкао. Но никој не очекуваше веќе подостарениот Колумбиец да го предводи најдобриот напад на Европа само две години подоцна.
Статистиките на тимот од Кнежевството ги надминаа очекувањата. Со 59 освоени бода и 76 постигнати гола, екипата на Португалецот Леонардо Жардим не само што ја држи пол позицијата во трката за титулата, туку го има и најдобриот напад во Европа (пред Реал, Барса, Сити, Баерн, Челси).
Во тимот нема суперѕвезди. Имиња како Валер Жермен или Килијан Мбапе’ штотуку почнаа да стануваат познати затоа што неодамна дојдоа во првиот тим од Ла Турби, академијата на Монако. “Црвено-белите“ конечно му пркосат на ПСЖ а еден трансфер меѓу двата клуба минатото лето значеше многу иако не е трансфер на фудбалер.
Бертран Резо, еден од најдобрите младински тренери во Франција после 11 години во ПСЖ, минатиот јуни беше поставен за директор на академијата на Монако. За неговите дела зборува фактот што дел од неговите клинци од ПСЖ ја згромија Барса минатата недела.
„Овде во Монако се функционираше добро пред моето доаѓање“, вели Резо.
Фудбалот увезен од Англија во северна Франција на почетокот на минатиот век, во Монако стигнал во ’20-те години и требало дури 40-ина години да поминат за екипата во 1961 да направи успеси во дресот дизајниран лично од принцезата на Монако Грејс Кели. Иако населението во Монако претежно е составено од милијардери кои дошле во оваа даночна Мека, фудбалскиот клуб несекогаш стоел добро финансиски.
Стадионот „Стад Луи II“ кој собира 18.000 гледачи и може да собере точно пола од населението на Монако речиси никогаш не е полно. Овој клуб ја има најслабата просечна гледаност во Лига 1.
Клубот се “тетеравел“ од прва во втора и трета лига се до 1975 година кога дошол новиот претседател Жан-Луи Кампора и решил да го следи примерот на Сошо и Нант кои имале најуспешни младински школи. Кампора го ангажирал тренерот Жерар Баниде да основа академија на местото на еден поранешен каменолом во Монако, веднаш до Азурниот брег.
Но тогаш се јавил друг проблем. Како последица на географската положба и отсуството на локално население од кое би пикирале млади таленти, академијата не можела да им понуди рано школување на децата како во другите француски клубови.
„Во реонов нема доволно деца кои играат фудбал, така што немаме категории до 9 или 11 години како во другите клубови.
Од таа причина на академијата на Монако им се придружуваат фудбалери од 15 години па нагоре и често доаѓаат од Институтот Клерфонтеин каде има голем број деца (од таму на времето дошол и Анри). Монако во меѓувреме ја создал најдобрата мрежа на скаути кои бараат таленти низ Франција. Иако кнежевството е номинативно независно од Франција, Монако има потреба од француските фудбалски центри.
Така на пример во 1987 година кога Арсен Венгер дошол како тренер во клубот, ги довел 15-годишните Лилиан Турам, Тиери Анри и Емануел Пети од други академии. Сите тројца подоцна станаа Светски шампиони. Претседатели, тренери и играчи заминуваат, но филозофијата останува иста. На пример минатото лето Мбапе’ тргнал по стапките на Анри и од академијата Клерфонтеин дошол на француската Ривиера.
Притоа Монако се заштитува и од нападите на богатите клубови. „Не сме воопшто загрижени кога им нудат многу пари, само им ја покажуваме статистиката на француски играчи кои прерано заминале за Англија“, вели Резо.
Во моментов првотимци на Монако се Лоиц Бадиашил (голман Франција У18), Франко Антонучи (крило Белгија У17), Адриан Бонџовани (крило Белгија У17), Ирвин Кардона (напаѓач Франција У20), Муса Сила (напаѓач Франција У18). Сите овие неверојатни таленти мирно пловат во првиот тим на првопласираната екипа во Лига 1.