Со голот на Анхел Ди Марија во 22' минута од мечот на прекрасна асистенција на новиот фудбалер на Атлетико Мадрид Родриго Де Паул по грешка на Ренан Лоди, „гаучосите“ го освоија златото на Копа:
Гледавме израмнет меч со повеќе жестоки дуели и жолти картони, отколку со шанси.
Од една страна Нејмар се обидуваше од длабочина да ги проигрува своите соиграчи, а Меси беше цврсто маркиран од Бразилците на култната „Маракана“ па самиот влезе само во една сериозна шанса и тоа во финишот во 89' минута.
Радоста на Аргентинците е голема и од причина што на 34 години и дури од петти обид и после три изгубени финалиња, Лионел Меси го освои највредниот пехар во Јужна Америка: Копа Америка.
Лео со репрезентацијата има и злато од Олимписките Игри 2008 во Пекинг кога во финале ја победија Нигерија 1:0 и тогаш исто со гол на Анхел Ди Марија, но треба да се има предвид дека фудбалскиот турнир на Олимпијада е речиси младински турнир со пар повозрасни фудбалери.
Лео во 2005-та освои и младинско Светско првенство а по поразот во финалето на Мундијалот 2014, ова му е највредниот момент во дресот на Аргентина. Меси сега има 35 пехари на клупски план и 3 со Аргентина.
Лео Меси првпат во финале на Копа Америка играше во 2007-ма година. Тогаш играа исто со големиот ривал Бразил кој ги згроми со 0:3. Меси имаше 2 гола и 1 асистенција на тој турнир.
А овојпат беше убедливо најдобар играч на цела Копа Америка со 4 гола и дури 5 асистенции. Ја освои наградата најдобар стрелец, најдобар асистент и најдобар играч на турнирот.
Аргентина го освои 15-от пехар на Копа Америка и сега во Јужна Америка тие и Уругвај имаат најмногу и се први по освоени титули на најголемото првенство на континентот.
Најуспешна ера на Аргентинците бил периодот до крајот на 1950-те години кога освоиле дури 12 пехари на Копа Америка.
Последен пат славеа во 1993-та година предводени од младите Габриел Батистута и Диего Симеоне. После тоа шампионско издание „гаучосите“ чекаа цели 28 години до новата титула.
Ова е воедно и прва титула на Аргентина на територија на најголемиот и најлут ривал Бразил кој претходно ги освои сите домашни изданија на Копа Америка. Бразилците дури 5 од 9 титули освоиле на свое тло (1919, 1922, 1949, 1989, 2019)