Малериозниот Салцбург во слепа улица

После поразот од Динамо Загреб (1:2) во продолженијата, австрискиот Салцбург деветти пат по ред испадна од квалификациите за Лига на шампионите. Германецот Крамер влезе четврти пат во ЛШ за 15 месеци.

Право проклетство. И тоа од она кое следи долго време. Тоа му се случува на Салцбург кој вчера прво прими гол во 87’ минута за 1:1, а потоа Динамо Загреб им даде уште еден за пласман во ЛШ. Секој од нас помисли резултат како резултат, испаѓање како и секое друго испаѓање. Но не е така.

За Салцбург ова е деветто испаѓање од Лигата на шампионите во квалификациите. Австријците никогаш не влегле во групната фаза. Секој меч носи драма, па така и оној од синоќа кој за малерот да е поголем не е најтрагичен.

Од кога во 2005. година Ред Бул го купи Салцбург, менувајќи му ги притоа боите, грбот и името, клубот освои седум титули шампион на Австрија, но учеството во ЛШ остана табу’ тема.

Ако елиминациите од Валенсија (2006) и Шахјтор (2007) беа прифатливи, истото не може да се каже за дуелите со полесни противници како Макаби Хаифа (2009), Хапоел Тел Авив (2010) и замислете Дуделанж (2012). Против шампионите на Луксембург, Салцбург загуби 1:0 на првиот меч и со големи шанси влезе во реваншот каде победи 4:3 но испадна поради голот на гости на Дуделанж.

Во 2013. година пораз од Фенербахче кој сезона претходно стигна до полуфиналето на Лига Европа. Во следните две години два пати нагазна мина за Салцбург беше Малме: во 2014 Австријците победија 2:1 на првиот меч дома, но во реваншот следуваше дебакл од 3:0.

Минатата година уште еден двомеч со Швеѓаните: По 2:0 за Ред Бул Салцбург на првиот меч сите мислеа дека проклетството е минато, но следуваше ново разочарување и нов пораз од 3:0 (сите три ги примија во прво полувреме). Во последните три години Салцбург во плејофот има две победи, два порази и две нерешени но нула пласмани понатаму. Ако ова не е проклетство, тогаш...

МИСТЕР ЧЕМПИОНС

Ако во Австрија и покрај вложувањата на Ред Бул за Салцбург улицата кон ЛШ е слепа, во Германија има кој успеал да се квалификува во групната фаза четири пати од мај 2015. до денес. За 15 месеци. Се работи за Криштоф Крамер, освојувач на Мундијалот со Германија кој во финалето против Аргентина падна во кома по дуелот со Гарај и не се сеќаваше на ништо.

Крамер е играч за врска на Борусија Менхенгладбах, тим лани директно влезе во ЛШ. Минатото лето Крамер замина во Леверкузен кој заврши четврт во Бундеслигата и го елиминираше Лацио во плејофот за ЛШ. Годинава Крамер го повтори подвигот: Заврши трет со Баер Леверкузен и директно влезе во ЛШ, но летово се вати во Гладбах со кој синоќа го прегази Јанг Бојс во плејофот (вкупен резултат 9-2) и на тој начин оствари четири пласмани во ЛШ за 15 месеци.

Којзнае дали Ред Бул Салцбург следната година ќе се реши да го доведе Крамер и да го избрише проклетството еднаш засекогаш.