Четирите водечки екипи во Италија, Шпанија, Англија и Германија делуваат непобедливо и не оставаат никаков простор за изненадувања. Есенска титула потврдија Јувентус, Баерн Минхен, Реал Мадрид и Челси.
Сите четири екипи ги краси една заедничка карактеристика, а тоа е силниот колектив, но секој од нив има и една ѕвезда која што ја носи екипата кога не ѝ оди.
За „Златната копачка“ за 2014. година речиси сè е кажано. Во Италија доволно е само да се погледне табелата на најдобри стрелци и да се види дека Карлос Тевез и натаму е човек-одлука за Старата дама. Во Челси со 17 голови на 22 натпревари доминира Диего Коста, а кај Баерн Минхен тешко е да се издвои еден играч, но меѓу Милер, Робен и компанија некако се издвојува Мануел Нојер, кој не знае да прими гол во домашното првенство.
На клупите на споменатите екипи седат двајца Италијанци, еден Шпанец и еден Португалец, што подразбира дека јужна Европа сè уште дава најдобри стручњаци. Анчелоти, Гвардиола и Мурињо веќе беа докажани, додека Алегри во Јуве беше пречекан со скептицизам, но покажа дека Јуве може и без Антонио Конте.
На останатите екипи не им е лесно против овие четири тима, кои се обидуваат да им парираат. Пред сè во Шпанија, каде Барса и Атлетико Мадрид победуваат паралелно со Реал Мадрид. Јувентус и Челси се во идентична ситуација со пет бодови предност во однос на ривалите Рома и Манчестер Сити. За разлика од нив, Баерн Минхен е единствен со тотална доминација на 17. кола пред крајот на сезоната. Баварците имаат 11+ во однос на Волфсбург, 17+ во однос на Баер Леверкузен и 18+ во однос на Шалке и Борусија Менхенгладбах.
Прашање на време е на кој ден Баерн и официјално ќе ја прослави шампионската титула, а Челси, Јуве и Реал Мадрид ќе се борат до крајот.