
„По долго размислување и многу години во фудбалот, решив дека во недела ќе го играм последниот натпревар во професионалната играчка кариера“, изјави Лука Тони со горчина во гласот на денешната прес-конференција.
Човекот кој пред да стане фудбалер, возел камион низ Италија, реши да ги закачи копачките на клин. Во сезоната 2005/2006 даде 31 гол во првенството и стана првиот Италијанец што ја освоил Златната копачка.
„Малку сум емотивен, беше тешка и болна одлука, но ситгнав до крајот со фудбалот. Неколку недели веќе размислувам и не беа лесни недели. На Бентегоди против Јувентус ќе биде мојот последен меч“, додаде високиот бомбардер кој лани на 37. години постигна 22 голови во Серија А.
Против најсилните, како што е редот за еден напаѓач кој во кариерата често беше број еден во многу категории. Во последната сезона од кариерата доживеа многу болки, и не само физички поради повредите:
„Со Делнери (тренер на Верона) никогаш немав добар однос, познато е, но ова не е место да зборувам за неговиот избор. Сезонава е пораз и за двајцата“, вели Тони кој испадна со Верона во втора лига.
Како многу висок во детството му викале дека не е за фудбал, а тој напротив се изнадава голови. Тргна во дресот на Лодиџани кога некој агент го видел и потоа патот го продолжува во Тревизо, Виченца, Бреша, Палермо и Фиренца. По златниот пехар на Мундијалот се врати дома, заигра за Рома и за малку не го освои Скудетото со другар му Тоти кој деновиве.
Нови искуства Тони искуси во Џенова, во Јувентус и Ал Наср. Во Верона дојде во 2013. година и на помалку од 100 километри од родната куќа ја проживеа втората младост. Секој постигнат гол го прослави со рака на главата и прашањето: „Што имате да кажете на ова“?
20 голови даде во првата сезона, 22 втората и влезе во историјата како најдобар стрелец на Верона во една сезона и прв најдобар стрелец од овој клуб. Последниот подвиг не му успеа, затоа што ја остави екипата во Серија Б. Но бројките зборуваат за неговото дело.