Министерот за транспорт и врски на Косово Бајрам Хасани изјавил дека тој ќе донира 1.500 евра колку што изнесува неговата месечна плата за да се плати казната на Швајцарија:
„Нив (играчите) ги казнија само затоа што не заборавиле на своите корени, тие не забораваат од каде потекнуваат. Парите не можат да ја купат радоста што Гранит Џака и Ѓердан Шаќири ни ја приредија со прославата со орел на нивните голови за време на мечот Швајцарија - Србија“, изјавил Хасани.
На овој предлог се приклучиле уште неколку косовски политичари и бизнисмени кои се спремни да донираат пари за плаќање на казната.
Швајцарија утре во последното коло игра против Костарика и победа ги носи во осминафиналето со 7 бода. Во вториот меч од оваа група ќе се сретнат Бразил и Србија. „Кариоките“ имаат 4 бода а Србија 3. Двата меча започнуваат во среда од 20 часот.
Во меѓувреме и албанскиот премиер Еди Рама отворил сметка во една банка и ги повикал сите заинтересирани да донираат пари за да се плати казната за швајцарските репрезентативци. Во акцијата „Не плаши се од орелот“ Рама ги повикал граѓаните да помогнат да се плати „бесмислената казна“.
„Ова е гест на благодарност за двајцата фудбалери за се што направија за милиони Албанци.“
ФИФА ги казни Шаќири и Џака со 10.000 швајцарски франци а Стефан Лихтшајнер кој им се придружи во прославата така што правеше двоглав орел со рацете - 5.000 швајцарски франци.
Покрај симболичните парични казни, тројцата фудбалери на Швајцарија се опоменати поради „неспортското однесување кое се коси со принципите на фер-плеј“. Со дисциплинската комисија на ФИФА која што ја изрече казната председава Анин Јебоа од Гана.
Поради коментари после мечот на сметка на судењето по 5.000 швајцарски франци се казнети српскиот селектор и претседателот на фудбалскиот сојуз на Србија, Младен Крстајиќ и Славиша Кокеза.