Луда партија на Вембанјама, со чудесно положување од линијата за слободни

Францускиот центар го предводеше Сан Антонио до убедлив триумф на гостувањето кај Феникс Санс (122-96) за деветта победа во низа. Му фалеше само една блокада за да запише трипл-дабл.

Апсолутен херој на вечерта беше незапирливиот Виктор Вембанјама, кој одигра една од најефикасните партии во историјата на лигата.

За само 25 минути стигна до неверојатни 40 поени, 11 скока, 9 блокади и 3 асистенции. Имаше речиси совршена шутерска вечер со 78,9 проценти од игра (15/19), погоди две тројки од три обиди и реализираше осум од десет слободни фрлања.

Доминацијата на Вембанјама беше очигледна уште во првото полувреме, во кое запиша 22 поени и пет блокади, трасирајќи го патот кон сигурна победа. По одличната трета четвртина, тренерот на Спарси одлучи да ги повлече стартерите, со што Французинот остана без шанса да ја запише десеттата блокада и да комплетира редок трипл-дабл.

Со овој настап, Вембанјама стана само вториот играч во историјата на НБА лигата, по легендарниот Вилт Чембрлен, кој успеал да забележи повеќе натпревари со најмалку 40 поени, 10 скока и 8 блокади во иста сезона, а воедно е и играчот на кого му требале најмалку минути за ваков статистички учинок.

Покрај него, во редовите на Сан Антонио се истакнаа и Дилан Харпер со 17 поени и Де'Арон Фокс со 15 поени. Кај домаќините единствена светла точка беше Девин Букер со 32 постигнати поени.

За мамузите ова беше деветти последователен триумф по стартните два порази, со што се зацврстија во самиот врв на Западната конференција со скор од 9-2. 

 
10 ноември 2026 - 08:49