Триесет и осум годишниот Месут Озил кој блескаше во дресовите на Арсенал и Реал Мадрид, својата кариера ја заврши прилично рано, на 34 години во 2023-та година како играч тогаш на Истанбул Башакшехир. Честите повреди и уморот од фудбалот биле причини да стави крај на 17-годишната професионална кариера во која освои бројни пехари и награди.
Пред околу три недели Месут Озил учествувал на 19. издание на Евроазискиот економски форум „Верона“ кој се одвивал во Истанбул. Бил поканет од неговиот последен клуб во кариерата - Истанбул Башакшехир.
За време на настанот Озил играл и на ревијален натпревар меѓу легенди на неговиот поранешен клуб и легенди на Зенит од Санкт Петербург. После тоа тој дал изјава пред присутните новинари пред кои повикал на реинтеграција на руските клубови во меѓународни турнири.
„Како што добро знаете во овој период ФИФА не ги суспендираше тимовите од Израел, но ги суспендираше оние од Русија. По тој повод би сакал да кажам, да пратам повик до ФИФА. Се надевам дека од сега па натаму ќе го тргнат настрана тој двоен стандард и ќе се однесуваат со сите еднакво и на ист начин“.
За потсетување, од февруари 2022-ра кога Русија ја почна Специјалната војна операција во Украина, ФИФА и УЕФА ги суспендираа руските клубови и репрезентации односно ги исфрли од сите меѓународни фудбалски турнири.
Овие зборови на Озил предизвикале остри реакции во Украина. Според тамошните медиуми името му било запишано во базата на податоци „Миротворец“. Тоа е портал на невладина организација кој собира и објавува податоци за лица кои се сметани за „непријатели на Украина“.
Месут Озил е една од најголемите ѕвезди на својата генерација. Тој играше за Реал Мадрид од 2010 до 2013 а после замина во Арсенал каде остана до 2021-ва година. Во март 2023-та ја заврши својата кариера во Истанбул Башакшехир.
На клупско ниво одигра 645 натпревари, а за репрезентацијата на Германија со која стана светски шампион во 2014, постигна 23 гола на 92 натпревари.