Фудбалскиот свет викендов сведочеше на еден од најнеобичните инциденти, откако големото регионално дерби во втората холандска лига помеѓу Витесе и Де Графшап беше откажано на само еден час пред почетокот.
Навивачите на Де Графшап физички го блокираа клупскиот автобус и ги заклучија капиите на стадионот во Дутинхем, за да не можат фудбалерите да одат на гостување.
Тензиите настанале откога локалните власти во Арнем донеле забрана за гостински навивачи. Првично, поради инциденти од минатата сезона, на фановите на Де Графшап им бил скратен капацитетот од 800 на 500 седишта, со посебни безбедносни услови кои вклучуваат однапред да бидат проверени нивните навивачки кореографии и транспаренти.
Откако навивачките групи ги одбија овие ригорозни контроли, градоначалникот на Арнем изрекол целосна забрана за нивно присуство. Револтирани од оваа одлука, навивачите се решиле за радикален потег: „Ако не одиме ние, нема да оди ниту тимот“.
Во неделата наутро, стотици навивачи се собрале пред стадионот на Де Графшап. Најпрво ја заклучиле капијата со синџири, а потоа направиле штит околу клупскиот автобус и не дозволиле да тргне кон Арнем.

Додека фудбалерите на Де Графшап биле блокирани на сопствениот паркинг, илјадници домашни навивачи го очекувале стартот на мечот од 12:15 часот.
Кога станало јасно дека гостинскиот тим нема теоретски шанси да пристигне, Фудбалската федерација на Холандија одлучила да го одложи натпреварот.
„Ова е целосно неприфатлива ситуација. Недозволиво е навивачите да го прават фудбалот невозможен. Со ваквите постапки тие му штетат на сопствениот клуб, на своите играчи, на спортот и на илјадиници луѓе кои доаѓаат на стадионите за да уживаат во играта“, стои во официјалното соопштение на федерацијата.
Де Графшап сега со соочува со казни, кои покрај финансиски, може да бидат и службено губење на мечот, па дури и одземање на бодови.