Како работи Академијата на Георге Хаџи која со свои деца стана шампион на Романија

Најголемиот бисер на романскиот фудбал, Јанис Хаџи, кој блесна на младинското Евро У-21 беше мета на најголемите европски клубови, но се реши да потпише со белгиски Генк. Претставник е на академијата на легендарниот Георге кој му е татко.

Најголемиот романски фудбалер на сите времиња, Георге Хаџи ја почна тренерската кариера директно како селектор на Романија, но ниту таму, ниту подоцна во турскиот фудбал, ниту во Стеауа не направи големи успеси.

Во епохата на Хаџи како играч, романскиот фудбал важеше за сериозна сила од светски рамки, но Георге на една прес-конференција кога се збогува од репрезентацијата како ветеран во 1998, изјави дека романскиот фудбал ќе биде мртов за 10 години. Се испостави дека ова не беше далеку од вистината.

Од тогаш Романците ниеднаш не се квалификуваа на Светско, а на Европско се пласираа само во една прилика. За некаков клупски успех не може да се зборува.

Симболично, после 10 години после фамозните зборови на Хаџи, тој покренал амбициозен проект со цел да ја возобнови славата на романскиот фудбал.

Проектот се состоел од два сегменти - првиот, Хаџи изградил сопствена академија во својот роден крај Костанца. Дел од средствата ги вложил сам, а дел од инвеститори. Стартната инвестиција за изградба на академијата Георге Хаџи чинела 11 милиони евра.

Со тие средства била построена целата академија, со 9 терени, административни канцеларии и интернат за младите фудбалери од другите региони. За неколку години академијата на Хаџи стана една од најдобрите не само во Романија, туку во цела Источна Европа. Во неа тренираат и живеат повеќе од 300 фудбалери на различни возрасни групи.

Вториот дел од проектот бил да се создаде клуб, во кој талентираните фудбалери од академијата би можеле да стекнат играчко искуство и да се усовршуваат. Така, основан бил клубот Виторул (во превод Иднина), којшто почнал од третата романска лига како наследник на згаснатиот локален клуб Овидиу.

Уште во првата професионална сезона, Виторул обезбедил пласман во втора лига, а после две сезони се искачи во елитата на романскиот фудбал. Во 2015 година клубот морал да изгради сопствен стадион со капацитет од 4.500 гледачи, затоа што претходно бил домаќин на други стадиони во земјата.

Сезоната 2011/2012 станала судбоносна за целиот проект. Тогаш Виторул обезбедил место во првата романска лига, но важен им бил и комерцијалниот модел, па така Габриел Јанку, еден од лидерите на екипата, го привлекол вниманието на многу големи клубови, бил на проба во Ајакс, и на крајот отишол во Стеауа за 500.000 евра - огромен трансфер за 17 годишен талент од кого Виторул заработил солидна сума.

ВО КЛУБОТ РАБОТАТ ОПЕРАТИВЦИ, СКАУТИ, ТРЕНЕРИ

Виторул има и база на скаути кои бараат талентирани играчи по цела Романија. Клучна улога во преговорите со новите фудбалери има самиот Хаџи кој важи за голем авторитет во земјата. Токму тој е фактор што младите талентирани деца и нивните родители се решаваат да преминат во академијата.

Во првата сезона во елитната романска лига, Виторул варирал меѓу 11-то, 12-то и 13-то место. Но што е најважно, се повеќе деца од својата база играле за првиот тим, а набрзо добивале и покани за репрезентативните категории и привлекувале интерес од други клубови.

Една година, по трансферот на Јанку во Стеауа, Виторул заработил уште повеќе од продажба: Аурелиан Кицу отишол во француски Валенсиен за 700.000 евра, Михај Белаш го продале во Рома за 150.000 евра, а два пати повеќе Стеауа дала за Александар Тарнован.

Првиот голем трансфер го направија со стоперот Кристијан Мања кој отиде во кипарски Аполон за 2,5 милиони евра. 

Во 2014 година, Хаџи кој е сопственик на клубот и академијата, донел необично решение - се поставил самиот за тренер на екипата. Тој потег му бил далековиден, зошто во сеозната 2015/2016 тимот завршил на петто место и првпат обезбедил учество во еврокупови.

За волја на вистината, Гент експресно ги елиминираше децата на Хаџи од Лига Европа, но само по себе, фактот дека играле во еврокуп е голем успех за младиот клуб кој во тој момент имал 70% играчи од својата академија.

Еден од нив беше и синот на Георге Хаџи - Јанис. Во декември 2014 година Хаџи-постариот го внел син му во игра против Ботошани во романското првенство и го направи најмладиот дебитант во историјата на лигата. За брзо време, 16-годишниот Хаџи собра 10 настапи и ја доби капитенската лента.

Некој би рекол дека тоа е протекција од татко му, но резултатите на Виторул покажаа дека тоа е прав избор. 

Откако го внел својот клуб во Лига Европа, Георге Хаџи не заборавил на најважната ставка за опстанок на академијата - продажбата на играчи. По успешната сезона, го продал Разван Марин во Стандард Лиеж за 4,8 милиони евра, а романскиот талент сега е играч на Ајакс.

Во тој преоден рок во Стеауа бил продаден и Флорин Танасе, главниот фудбалер во тимот. Хаџи не се плаши да остане без своите најдобри играчи, зошто лесно може да им најде замена во сопствениот „рудник на бисери“.

По извесно време, Хаџи решил да договори трансфер на син му Јанис во Фиорентина, но младиот вундеркинд не играше воопшто па после две сезони Виторул му го откупил договорот и го вратил во составот.  Визијата на Хаџи - постариот е дека академијата е должна на својот клуб да му дава најмалку еден играч секоја сезона.

Хаџи не се плаши отворено да ги критикува фудбалските раководители во Европа кои не направиле никакви реформи. Според него, шампионите на земји како Романија, Полска, Хрватска и Србија задолжително треба да имаат директно место во групната фаза на Лига на шампиони, а со тоа и солидни приходи.

Виторул го чека меч од квалификациите за Лига на шампиони против белгиски Антверпен, но што е најважно, го чека и борба за промоција на нови бисери кои чекаат шанса во првиот тим.

После една година, Виторул направи историски успех - стана шампион на Романија, само 8 години по своето основање. Просечната возраст на екипата е 23,7 години и е најмлада во целата лига.

Стеауа, гигантот од Букурешт кој остана втор зад Виторул, набрзо вложи 5 милиони евра за тројца фудбалери на овој тим, со цел да стане шампион. Но планот не им успеал, зошто Клуж заврши прв пред Стеауа, а ослабениот состав на Хаџи финиширал како четврти.

Една сезона подоцна, Виторул го освоил вториот голем трофеј во клупската историја - Купот на Романија. Развојот на млади играчи не престанал, зошто на штотуку завршеното Европско У-21 првенство во Италија и Сан Марино, за Романија настапија четири играчи на Виторул.

Финансиските плодови не престанале, зошто Виторул само во последните две сезони продал фудбалери за вкупна вредност од 13 милиони евра (којзнае Здравко Мамиќ за колку би ги продал). Меѓу овие 8 продажби е и Јанис Хаџи во Генк. За него беа заинтересирани и Ајакс, Барселона и Спартак Москва кој нудел најмногу.