Големите тренерски промени

Мурињо, Фергусон, Манчини, Бенитез, Гвардиола. Долгиот летен преоден рок е пред нас, а веќе на европската фудбалска сцена се случија еден куп промени на "жешките" тренерски столчиња и тоа во дел од најголемите гиганти во фудбалот.

Сер Алекс Фергусон – пензија
Англиската и светската јавност овој месец се прости од еден од најголемите тренерски имиња во историјата на фудбалот, кој неполни 3 децении беше неприкосновен и незаменлив на тренерската позиција на Манчестер Јунајтед. Легендарниот шкотланѓанец за 27 години престој на „Олд Трафорд" освои 38 титули, од кои фантастични 13 во Премиер лигата. Популарниот Ферги тренерската кариера ја заврши со јубилејни 1500 меча на кормилото на Јунајтед, а последниот на гостувањето против Вест Хем заврши со 5:5. Клубот му ја додели директорската фотеља, а за негов наследник е назначен Дејвид Мојс.

Жозе Мурињо – пред трансфер во Челси
„The special one" го напушти "кралскиот" престол во Мадрид. Контроверзниот Мурињо само формално ја привршува тренерската функција на клупата на Реал Мадрид на кој му остана уште само еден првенствен натпревар. Шампионска титула, Кралски Куп и Супер Куп на Шпанија е премалку за неговата тригодишна работа со Реал кој се надеваше дека под негово водство ќе го врати шампионскиот сјај во Лигата на шампионите. Откако Флорентино Перез изјави дека Мурињо дефинитивно си оди, навивачите го исвиркаа на следниот меч. Навивачите на Челси со нетрпение го очекуваат неговиот кам бек кој се уште не е официјално потврден.

Роберто Манчини – слободен
Италијанскиот стратег неочекувано, во последните секунди од средбата го загуби финалето од ФА Купот од екипата на Виган која испадна во втората англиска лига. Со тоа Манчини не успеа да ја спаси последната сезона во Сити во која не освои ниту еден трофеј. Шеиците од Катар со тоа ја раскинаа соработката со Манчини и покрај тоа што минатата сезона им ја врати шампионската титула по 44 години. Исто како и Мурињо во трите години тој ги освои и Купот и Супер Купот. Се уште не е познато каде Италијанецот ќе ја продолжи кариерата, ниту кој ќе биде негова замена.

Пеп Гвардиола – Баерн Минхен
Со своите 42 години Шпанскиот стратег може да се пофали со вкупно 14 трофеи на кормилото на Барселона. Од неговиот четири годишен престој извади максимум и ја имаше таа среќа да го води можеби најсилниот состав на Каталонците во историјата на клубот. Гвардиола освои се што можеше да се освои со еден клуб, а по неговата четиригодишна работа одлучи да замине на заслужен едногодишен одмор. Со наполнети батерии, младиот тренер пред себе го има најголемиот предизвик, а тоа е да го повторни успехот со Баерн Минхен кој славеше во Бундес лигата и Лигата на шампионите.

Јуп Хејнкес – слободен
Стариот лисец си ја оствари целта во Минхен и по 12 години го врати пехарот од Лигата Шампионите. Хејнкес кој по трет пат се врати на кормилото на Баерн Минхен и се препороди во клубот, а ќе биде запаметен дека го водел Баерн во најдоминантна сезона во историјата на Бундес лигата. Покрај долгопосакуваниот пехар во Лигата на шампионите, тој стана првак и во германкиот шампионат со 25 бода предност пред второпласираната Борусија. И покрај успесите на 68 годишниот стратег, раководството го ангажираше Гвардиола во текот на сезоната. Хајнкес се уште не знае каде ќе ја продолжи кариерата, а се шпекулира враќање во Реал Мадрид со кој ја освои Лигата на шампоните во 1998 година.

Рафа Бенитез – Наполи
Дојде во ноември минатата година во екипата на Челси како замена за Роберто Ди Матео, но и покрај тоа што ја освои Лигата на Европа не успеа да ги освои симпатиите на навивачите. Бенитез има богато интернационално искуство и 5 меѓународни трофеи. Покрај трофејот со Челси, го освои Купот на Уефа со Валенсија, Лигата на шампионите и Европскиот Супер Куп со Ливерпул и Светската титула со Интер. Токму ова е причината поради која претседателот на Наполи, Де Лаурентис го ангажираше Бенитез, а за постигнаниот договор се пофали синоќа на Твитер.

Останатите тренерски промени кои се топ тема деновиве во медиумите се преселбата на Валтер Мацари кој по 4 години си замина од Наполи и денеска е назначен за нов тренер на Интер. Италијанските весници пишуваат дека Масимилијано Алерги е многу блиску до заминување во Рома, со што неговата позиција би можело да ја пополни Кларенс Сидорф. Се уште не се знае и дали Карло Анчелоти ќе ја продолжи верноста во ПСЖ. Неговото име заедно со Хејнкес се споменуваат како можни наследници на Мурињо во Реал Мадрид.