Утринава на насловните страни на сите британски медиуми се појави информацијата дека легендарниот Фергусон ќе ја заврши својата тренерска кариера на крајот од оваа сезона, а Манчестер Јунајтед преку својата официјална вебстрана ја потврди веста. По 49 освоени трофеи од кои 13 шампионски титули во Премиер лигата, Сер Алекс Фергусон ќе и стави крај на својата тренерска кариера.
Фергусон сепак нема да го напушти клубот и по завршувањето на сезоната тој ќе ја обавува директорската функција и ќе биде амбасадор на клубот.
„За оваа одлука размислував долго време и морам да признаам дека не ја донесов лесно. Сепак, ова е вистинското време. За мене беше најважно клубот да го оставам во најдобра можна форма и мислам дека успеав. Квалитетот на овој шампионски тим и рамнотежата во години, даваат за право да верувам во континуиран успех на највисоко ниво, а структурата на подмладокот ќе осигура дека иднина на клубот ќе остане светла на долги патеки", порача Фергусон преку клупскиот сајт.
Последниот натпревар на Алекс Фергусон на клупата на Манчестер Јунајтед ќе биде дуелот со ВБА на 19 мај кој воедно ќе биде и 1.500-ти натпревар во тренерската кариера на 71-годишниот Шкотланѓанец.
Манчестер Јунајтед е присутен на берзата во Њујорк и мора да ги почитува строгите правила во врска со промените во клубот односно не ваква информација која би можела да влијае на цената на нивните акции не смееше да биде чувана во тајност, па тие се решија да ја потврдат само неколку часа откако се појави во медиумите.
А дека нешто се готви на Олд Трафорд во последните неколку денови, стана јасно откако кладилниците во Британија примија огромни уплати за наследникот на Фергусон и ги намалија коефициентите на Дејвид Мојс.