Јуп Хајнкес и денес во Германија го викаат „Осрам". Прекарот го добил одамна според германскиот производител на светилки затоа што во своите почетоци имал краток фитиЉ и многу лесно се лутел, па лицето му се палело како жар. Во минатото така го нарекувале кога му се потсмевале, а сега тоа е срдечен прекар затоа што тој се смени.
"Јуп денес е многу поопуштен од порано. Слушнав дека почнал да слуша и музика од Ријана и Лејди Гага. Свесен е дека работи со млади и смета дека мора да биде во тек со она што нив ги интересира и надвор од теренот. Тоа му помага во работата затоа што денес тој е повеќе од обичен тренер", неодамна изјави Лотар Матеус кој како 18-годишник има играно заедно со Хејнкес во Борусија Менхенгладбах, а потоа тој му бил и тренер во Баерн.
Хајнкес оваа сезона прослави јубилеј од 1.000 натпревари во Бундеслигата како играч и тренер. Пред него е само Ото Рехагел со 1.033 натпревари и Хајнкес може да му го сруши рекордот ако остане да работи во некој друг клуб, но тој ја отфрли оваа опција откако беше соопштено дека на клупата ќе го замени Пеп Гвардиола. Сепак искусниот тренер докажа дека се уште не е за старо железо.
А пред 6 години сите мислеа поинаку. Тој објави дека оди во пензија и се пресели на фарма со сопругата, куче и уште неколку домашни. Тогаш за фудбалот тој говореше како уморен старец, истакнувајќи дека во Шпанија каде освои Лига на шампиони со Реал Мадрид, повеќе го почитуваат од Германија.
Во Германија му тргна лошо во 1991-та година кога заработи отказ од Баерн Минхен и покрај тоа што претходните 2 сезони ги освојуваше титулите. По 2 сезони во Атлетик Билбао, тој се врати во Ајнтрахт Франкфурт каде со 50 години веќе важеше за тренер од „старата школа". Фудбалерите повраќале по напорните тренинзи, а за секој што ќе се побуни следуваше отказ, но набргу и тој самиот доби „шут-карта".
Следуваше Тенерифе, па титулата од Лигата на шампиони со Реал Мадрид во 1998-та година, потоа беше тренер во Бенфика, повторно во Билбао и во 2003-та година се врати во Германија, во екипата на Шалке.
Овој пат испадна уште полошо. По еден конфликт помеѓу фудбалерите и тренерот, спортскиот директор му врачи отказ на Хајнкес со образложение дека тој има психички проблеми и му препорача да побара професионална помош од психијатар.
Две години никој не го сакаше за тренер, а потоа тој седна на клупата на Борусија Менхенгладбах. Меѓутоа во 2007-та година тој заработи нов отказ и тоа по 14 натпревари без победа, а тренерот добивал смртни закани од навивачите и живеел со полициска придружба.
Тогаш разочараниот Јуп Хајнкес замина во пензија со 62 години. Но двете години на фарма му го сменија животот. Во 2009-та година добил повик од неговиот стар пријател Ули Хенес и добил понуда да ја заврши сезоната со Баерн Минхен. Следната сезона го презеде Баер Леверкузен, а во 2011-та година по смената на Ван Гал, Хајнкес повторно стана тренер на Баерн.
Екипата кој 2 години беше во сенка на Борусија Дортмунд, сега го игра најатрактивниот фудбал во својата историја. „Старомодниот тиранин" кој се препороди и ја живее својата втора тренерска младост успеа да ја разработи германската машинерија на тој начин што оваа сезона лесно доминираше во Германија и во Европа и на тој начин да ги натера челниците на Баерн Минхен да зажалат што од следната сезона на клупата ќе биде Пеп Гвардиола.