Тоа што се шпекулираше во медиумите овие два дена сега стана и официјално. Наследник на легендарниот Сер Алекс Фергусон на клупата на „Олд Трафорд" ќе биде неговиот сонародниот Дејвид Мојс кој доаѓа од тимот на Евертон.
По 27 години, на кормилото на Манчестер Јунајтед од наредната сезона ќе седи ново име. Како што се најавуваше уште при вчерашното повлекување на Фергусон, менаџерот на Евертон, Дејвид Мојс ќе ја има честа да го замени популарниот Ферги кој пак ќе раководи со директорската функција.
Мојс денеска со сретнал со претседателот на Евертон, Бил Кенврајт за да му соопшти дека ќе го напушти клубот, а „Црвените Ѓаволи" на фејсбук го официјализираа неговиот трансфер откако и тој самиот изјави дека сака да биде дел од „Театарот на соништата".
50 годишниот Мојс на кормилото на Евертон беше од 2002 година и заработуваше 4 милиони фунти по сезона, повеќе од сите фудбалери во тимот. Тој не освои ниту еден трофеј, но во 11 сезони само два пати не успеа да го однесе тимот на првите 10 места од Премиер лигата.
Евертон под негово водство успеа да избори пласман во Лигата на шампионите, а стигна и до финалето од ФА Купот во 2009 година. Неговиот престој во Манчестер најверојатно ќе започне од 1 јули ден откако ќе му истече договорот со Евертон.