Алфредо Ди Стефано, великанот на Реал Мадрид тврдел дека Еузебио е најдобриот играч на сите времиња.
Фудбалската кариера на вештиот дриблер Еузебио траела 22 години во кои тој станал прв добитник на „Златна Копачка“, три пати станал најдобар стрелец во Купот на европски шампиони (денес ЛШ) и освоил „Златна топка“ за најдобар играч на светот.
Но сево ова можело многу лесно и да не се случи ако Спортинг ја победел Бенфика во борбата за талентираниот напаѓач од Мозамбик.
КАКО ЕДЕН РАЗГОВОР НА БЕРБЕР МУ ГО СМЕНИЛ ЖИВОТОТ НА МЛАДИОТ ЕУЗЕБИО И НА ВРВНИОТ ТРЕНЕР ОД УНГАРИЈА
Еузебио се родил во Мозамбик кој до 1975 година бил португалска колонија во југо-источна Африка. Веќе од 9 години Еузебио го баталил школото и сакал само да игра фудбал на улиците на Лоренс Маркиш, главен град на Мозамбик, денес Мапуту.
Во '50-те години од минатиот век, во Мозамбик големата тројка на португалскиот фудбал - Порто, Бенфика и Спортинг имале свои филијали и од тие извори црпеле таленти.
Кога наполнил 15 години Еузебио почнал да тренира во Спортинг Лоренс Маркиш каде не заработувал ништо. „Игравме за сендвич и сок“, подоцна раскажал легендарниот фудбалер.
Во 1959-та година се случил еден настан кој драстично му го сменил животот на идниот најдобар фудбалер на светот. Жозе Карлос Бауер, еден од најдобрите бразилски стопери во своето време, по крајот на кариерата работел како тренер во Сао Пауло.
Еднаш отпатувал во Мозамбик за да гледа неколку натпревари и на прв поглед се вљубил во играта на малиот чудесен техничар Еузебио.
Кога се вратил дома, тренерот Бауер на својот клуб му предложил да го доведе талентираниот напаѓач но тие го одбиле.
КУЛТНИОТ БЕЛА ГУТМАН, УНГАРСКИОТ ЛЕГЕНДАРЕН ТРЕНЕР МУ СТАНАЛ ФУДБАЛСКИ ТАТКО НА ЕУЗЕБИО
Истата година 1959-та Унгарецот Бела Гутман освоил шампионска титула со Порто, па станал тренер на Бенфика - 16. клуб во неговата кариера!
Три години претходно Бела Гутман, кој го тренирал епскиот Хонвед со Ференц Пушкаш, решил да остане во Бразил каде биле на јужно-американска турнеја. И многу други играчи не се вратиле дома каде буктело востанието и немирните времиња пред 1956-та.
Бела Гутман почнал да работи во Сао Пауло заедно со Жозе Карлос Бауер, ја освоиле титулата и се упатиле за Португалија. А таму, во Лисабон еднаш додека бил на бербер да се бричи, Жозе Бауер му раскажал на Гутман за некој млад шпиц од Мозамбик:
„Малиот е неверојатен шефе, ама во Сао Пауло немаа доволно пари да го донесат“, му рекол Жозе Карлос.
Бела Гутман прво се заинтересирал дали Еузебио може да истрча 100 метри за 10,6 секунди (тогаш светскиот рекорд изнесувал 10,1). Унгарецот кога дошол во Бенфика решил драстично да ја подмлади екипата и веднаш отпуштил 20 постари играчи. Лично отишол за Африка за да го гледа во живо Еуебио.
Притоа Гутман му кажал на спортскиот директор на Бенфика да го поврзат со филијалата во Мозамбик и таму да преговараат ако е добар. Но целата работа била сложена зошто напаѓачот играл за филијалата на Спортинг.
ЕУЗЕБИО БИРАЛ МЕЃУ ФИЛИЈАЛАТА НА БЕНФИКА И СПОРТИНГ, А ДОБИЛ ПОНУДА И ОД ЈУВЕНТУС
На 14 години Еузебио имал шанса да игра за Групо Деспортиво Лоренс Маркиш (филијала на Бенфика), но него и уште неколку талентирани деца ги одбил тренерот.
Еузебио бил упорен и верувал дека порано или подоцна ќе се пробие во Деспортиво, иако во еден момент се вмешало и семејството (Еузебио бил четврто дете во фамилијата на белецот Лауриндо и црномурната Елиза).
„Кога со другарите отидовме да се запишеме во Деспортиво тренерот постојано не одбиваше. А Хиларио (подоцна бек во Спортинг и репрезентацијата на Португалија) кој играше за Спортинг Лоренс Маркиш им рекол во клубот: „Децава се добри, чувајте ги“. Ама јас не сакав да одам во Спортинг зошто беше елитен, полициски клуб кој не сакаше црнци, тие беа расисти!
На крај кога нè одбија во Деспортиво, отидовме на тренинг во Спортинг и ги раскантавме локалните деца по теренот. Им дадовме седум или осум гола и не вратија дома специјално со комбе. А во Деспортиво си одевме пешки. После луѓето од Спортинг дојдоа дома кај мене и на мајка ми и предложија да преминам во нивниот клуб. Јас кажав дека ако татко ми беше жив немаше да сака да одам кај нив“, раскажувал подоцна Еузебио.
Луѓето од Спортинг настојувале цело време, па и покрај тоа што Еузебио кој постојано викал дека омилен клуб на татко му и браќата е Бенфика, мајка му го запишала во Спортинг.
„Таа ништо не разбираше од фудбал! Кажа дека за една година ќе провериме дали ми е добро или не. И ни се погоди прв меч да играме баш против Деспортиво. Дадов три гола и не ги прославив, дури и заплакав. Следниот ден луѓето од Спортинг дојдоа кај нас дома и кога го видоа брат ми во дрес на Бенфика и знаме од Деспортиво избегаа“.
После една година италијански Јувентус се заинтересирал за чудесниот Еузебио. Поранешен голман на Јуве кој работел како скаут, го приметил талентираниот напаѓач и им го препорачал во Торино. Јуве дури и пратил конкретна понуда а Еузебио се сеќавал дека мајка му дона Елиза не сакала да слушне за такво нешто. Рано било синот и да оди во Европа.
СПОРТИНГ НЕ САКАЛ ДА МУ ДАДЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ, БЕНФИКА ДАЛА И ГО УКРАЛА
Еузебио веќе две години по оној муабет во берберницата играл за првиот тим на Спортинг Лоренс Маркиш. После тој разговор Бенфика се вклучила во приказната.
Кога претседателот на Спортинг Браш Медеирош дознал за тоа, отишол кај семејството на Еузебио. Преговарал со еден од постарите браќа на фудбалерот (во семејството имало осум деца). Тој бил инженер по професија.
Првиот човек на Спортинг им понудил 80 ескуда (600 евра во денешно време), колку што земале и првотимците на Спортинг во Лисабон. Брат му тогаш кажал дека Бенфика понудила 150 ескуда, на што Медеирош одговорил: „Ако секој играч во клубот зема 80, зошто би морале да платиме два пати повеќе“? - Затоа што Еузебио е најдобар од сите веќе на 18 години и за некоја година ќе стане најдобар играч на светот, одговорил жустро братот.
Бенфика наскоро дала 125 ескудо, а брат му решил пак да се ценка и побарал двојно повеќе. Клубот се согласил и договорот го потпишала мајка му на Еузебио. 3 години со неверојатна плата од 250 ескудо (скоро 2.000 евра во наше време). Еузебио на 18 години станал најскапо платен играч во цела Португалија.
Но Спортинг не се откажувал.
На крајот од 1961 клубот му предложил на Еузебио вртоглава плата од 500 ескудо но тој ги одбил и рекол дека сега не би прифатил ни илјада затоа што го навредило некоректното однесување на луѓето од Спортинг Лоренс Маркиш кои тој ги сметал за расисти.
„Никогаш не го сакав Спортинг. Се однесуваа грубо со мене, а дури и кога сакаа да потпишам договор беа арогантни со таков тон. Кога збореа со брат ми кој беше побел како тако ми, тогаш разговараа со нормален тон. Но со мене и со мајка ми која исто е црна, го менуваа тонот“, рекол Еузебио во интервју за O Mundo.
БЕНФИКА ГО ОДНЕЛА ПОД ДРУГО ИМЕ, СПОРТИНГ ГИ ОБВИНИЛ ЗА НЕЛЕГАЛНА КРАЖБА НА ИГРАЧОТ
Во Португалија зделката Бенфика-Еузебио била тајно криена. Управата на „орлите“ не сакала отворена војна со Спортинг, па затоа во ниту еден документ не го пишале правото име на фудбалерот, туку користеле псевдоним Рут Малосо.
„До ден-денес не сфаќам зошто ми дадоа женско име, но луѓето од Спортинг ништо не открија“, се смеел Еузебио на постари години.
На крајот од 1960-та година до луѓето од Бенфика стигнале гласини дека Спортинг сака да го киднапира фудбалерот, па се спремиле. На 15 декември '60-та, Еузебио со друго име дошол во Португалија каде го сретнале претставници на Бенфика и новинар од A Bola.
Еузебио веднаш го пратиле во хотел во градот Лагуш, на 300 километри од Лисабон зошто во Спортинг не знаеле дека тој е дојден во Португалиуја. Фудбалерот поминал 12 дена во хотелската соба, никаде не одел и бил спремен да избега и да се врати назад во Мозамбик но мајка му му рекла да биде стрплив.
ПРВИОТ ТРЕНИНГ ВО ЛИСАБОН И РЕАКЦИЈАТА НА УНГАРЕЦОТ
Кога тренерот Бела Гутман го видел Еузебио на тренинг на Бенфика му викнал на својот помошник: „Злато! Ова дете е злато!“
Еузебио дебитирал во составот на Бенфика на 23 мај 1961 година и постигнал хет-трик на пријателски меч против Атлетико Лисабон. Останатото е историја.
Во едно од последните интервјуа за весникот A Bola, легендарниот Португалец Еузебио рекол:
„Сè што добив во животот го должам на себе, на моите другари од клубот и на Бенфика. Јас бев најдобар играч на светот, најдобар стрелец во Европа и во светот, освоив се освен Светско првенство. Некогаш размислувам: 'Ако отидев некаде можеби ќе заработев повеќе, но дали вреди тоа? После Светското 1966 требаше да преминам во Интер и со жена ми веќе баравме куќа на езерото Комо, но никогаш не заминав и не жала поради тоа. Бенфика ми подари трофеи, пари и светска слава!“
Еузебио почина во својот дом на 5 јануари 2014 година.