Животот е непредвидлива работа: ја играш првата сезона во Серија А дури на 23 години а на следната веќе стануваш најдобар стрелец во лигата, преоѓаш во поголем клуб, па се враќаш дома со торба на грб.
Пред само 12 месеци Имобиле го сметаа за осреден, просечен играч. Треба да се признае дека кога Лацио го зема Чиро, никој не веруваше дека тој ќе стане најдобра замена за ветеранот Миро Клосе. А сезонава тој „просечен“ играч има 15 гола на 11 натпревари, го качи Лацио на 2. место на табелата во еден момент, потполно ги разби Милан и два пати Јувентус.
Како помлад Чиро го привлече вниманието на јавноста во Пескара. Во ист состав со Лоренцо Инсиње и Марко Верати, а под тренерската палка на Зденек Земан, постигна 28 гола, и ѝ помогна на екипата да се врати во Серија А во 2012.
На сред сезона, половина од правата на играчот ги откупила Џенова а во целата зделка со Јувентус бил трампан и Ричмонд Боачи, фудбалерот кој денес ни помалку ни повеќе игра Лига Европа за Црвена звезда.
Но Чиро Имобиле не покажа ништо од својот талент во Џенова. Играше многу, а даваше малку голови. После една година, правата на својата половина од договорот (во Италија речиси секој втор договор е ваков со процентуални права на два или повеќе клуба), Џенова и ги отстапи на Торино за скромни 2,75 милиони евра.
И ден денес Џеновјаните жалат за тој ден кога решија да се ослободат од него, затоа што Чиро во новата сезона постигна 22 гола за Торино, стана најдобар стрелец во Серија А, доби повик за репрезентацијата а неговата пазарна цена прилично порасна.
Тогаш многу навивачи на Јувентус апелирале до клубот да го откупи договорот и да го остави Чиро за себе затоа што е поубаво кога тимот е составен од нивни воспитаници. Но управата мислела поинаку и била спремна да продаде било кој играч за кој ќе се понуди богата сума. Така се појави и веста дека Јувентус за половината права на договорот на Имобиле заработил 7 милиони евра кога Торино го продал во Дортмунд за 12 милиони.
Во Борусија беа убедени дека младиот Италијанец е способен да биде добра замена за Роберт Левандовски кој замина во Баерн. Но не се испостави така. Иако во Лига на шампиони Чиро на 6 меча даде 6 гола, во Бундеслигата ја изгуби конкуренцијата од Обамејанг и даде само три гола за цела сезона.
Брзиот германски фудбал не му легна на Имобиле како и комбинаторниот шпански затоа што Чиро по Дортмунд, имаше уште еден блед престој. Во Андалузија во дресот на Севиља играше подпросечно па италијанскиот печат го стави во ист ред со Дестро, Балотели и Борини - италијански вундеркинди кои пропаднаа. Не му помогна ниту полугодишната позајмица во Торино каде некогаш ги тресеше мрежите а сега како да не знаеше каде е лево.
Кога Лацио вложи 9 милиони евра за Имобиле пред една година, многу консултанти се чудеа: не можеше ли Лацио на толку пари да се коцка со друг играч? Но коцката и тоа како се исплатеше.
23 гола во сезоната и тоа во улога на осамен шпиц во нападот и статус најдобар стрелец на италијанската репрезентација во квалификациите за Светско 2018 (за жал го осетивме тоа и во Скопје против нашата репрезентација). Ако некој и пред почетокот на сезонава уште сомневаше во него, треба да го види учинокот на Чиро во овој дел од годината.
Имобиле не само што дава голови, туку ги подобри останатите карактеристики па така на пример точноста на додавањата му е за 5% подобра од лани а веќе направи асистенции колку за целата мината сезона. Подобар од лани е и во добиените воздушни дуели и во моментов повеќе од него во Топ5 првенствата даде само Радамел Фалкао.
Во што е тајната на Чиро Имобиле?
Во два збора - Симоне Инзаги. Тренерот на Лацио прави чуда со екипата а формата на Имобиле е неговото најголемо достигнување. Симоне направи Чиро да има партнери кои го помагаат од длабочина, каков што му беше Алесио Черчи во Торино.
Во Лацио таа улога му припаѓа на Луис Алберто - уште еден отпишан талент кој игра фантастична сезона. Кога Имобиле е целосно блокиран од противникот, тогаш Алберто дава голови од позадина како против Сасуло.
Освен тоа нападот на Лацио се базира и со крилните играчи. Ако претходно тоа беа Балде Кеита или Фелипе Андерсон, денес тоа се Џордан Лукаку и Сенад Лулиќ, скромни играчи од кои помладиот од браќа Инзаги го вади максимумот. И двајцата со центаршутеви го хранат Имобиле.
Мора да се признае дека Имобиле е талентиран шпиц за кој сепак треба да се поставува играта, затоа што тој просто не е создаден за најголемите клубови. Добро ги исполнува задачите на тренерот и треба да му биде благодарен на Инзаги - главното тренерско откритие во Серија А во последните две сезони.