Што е со грдава мода?

Не ви се чини дека сè почесто, кај и да се свртите, она што го нуди модниот свет е - грдо? Баш, грдо, во недостаток на подобар термин, а првите коментари што ни паѓаат на памет се „Не сфаќам.” или „Ужас.”

Просто е неверојатно што сè поминува денес. До одреден момент си викаш, „Добро, си има зошто е тоа така,” ама има една граница што упорно се преминува, без никој, до ден денес, да рече: „Ало, бре!”

Вирџил Абло, Луи Витон и Волшебникот од Оз

Во очајот да се биде уникатен, да се штрчи во море од ѕвезди на улична мода, се појавуваат многу, многу комбинации, или само видени по улица, или сликани па стигнати до Вог, или пак ставени и на писта дури - што би можеле да се наречат грди.

Ние имаме еден недефиниран однос со грдата мода. Први хвалоспеваме излегување по боксерици на улица во сред модна недела, па веднаш после тоа кукаме од Баленсијага како овцата од Пинк Пантер. Се чудиме на кесите од Икеа, на кесите за сувенири, си ја чукаме главата за ташната од Крокс-папуча, за самата Крокс папуча во модно списание… А модните куќи не само што не можат да запрат, туку продолжуваат и ревносно да се натпреваруваат околу тоа кој ќе се пофали со погрдо, и на кого повеќе луѓе ќе му го облечат грдото. Таман ќе си речеш, „Фала богу, се врати Сиријано”, од дупки излегуваат „прљави” Гучи патики, излегуваат сандали за во Дојранско езеро (и се само МАЛ дел од „Злосторствата против чевларството”!) и на крај веќе не знаеш што да мислиш.

Освен можеби дека убавината (а со тоа и грдотијата) е субјективна.

„Убавината е субјективна, но, ‘грда мода’ значи ‘не-мејнстрим’ - тоа не го облекуваат другите, не е нешто што мнозинството го смета за ин во моментов,” вели Меган Колинс, која му доаѓа нешто како метеоролог за трендови. „Таа конверзација меѓу модата, убавото и грдото отсекогаш постоела, но ова е прв пат да живееме во култура каде што толку многу луѓе активно учествуваат во неа.”

Овде имавме грди чизми.

Се разбира, има разлика меѓу грда мода и грда облека, и тоа го истакнува една стилистка чии клиенти се Бела Торн, Луси Хејл и Кортни Кардашијан - се вика Дани Мишел. „Грдата мода зборува за одреден тренд, деценија или дизајн кој можеби не е најласкав или естетски издржан во тој момент,” објаснува таа. „Грда облека значи лошо дизајнирани парчиња.”

„Прв пат гледаме како помладата генерација ги води трендовите - ако тинејџерите нешто засакаат, миленијалците веднаш прифаќаат, затоа што се толку опседнати со тоа да бидат млади и опасни,” додава Колинс на тоа. „Затоа и гледаме дека се фаќаат за трендови од ’90-ти.”

Новите кеси на Баленсијага

’90-тите знаеме дека завршија, а со тек на време и грдата мода ќе ја снајде истото што го снаоѓа и секој тренд пред нејзе. Поточно, истиот момент кога грдата мода ќе стане мејнстрим, нема шанси да не и пресудат. И со оглед на тоа колку брзо живееме, нема да биде изненадување ако дојде побрзо отколку што мислиме.

Се намалува ентузијазмот за идиотски модни трендови

Кога ќе се појави нов тренд, сите го мразат, па на крај го засакуваат - а интернетот го прави овој циклус многу побрз. Уникатниот израз е одличен затоа што без грда мода и разноликост, сите би изгледале исто.

Нека трае додека трае, па да се поздравиме.

9 април 2019 - 00:00