
Психолозите го нарекуваат овој феномен „парадокс на отпорноста“: особината што ни помага да ги надминеме тешките периоди може да почне да работи против нас кога упорното истрајување ќе стане единствениот начин на кој умееме да се справуваме со проблемите.
Отпорноста (според Американската психолошка асоцијација) подразбира успешно приспособување на тешките животни искуства, преку ментална, емоционална и бихевиорална флексибилност. Токму последниот збор е важен - да се биде отпорен не значи секогаш да се издржи повеќе, туку да се препознае кога треба да се смени пристапот.
„Отпорноста ја замислуваме како цврстина, решителност и способност да продолжиме да функционираме во неповолни околности“, објаснува д-р Лили Кауфман, клинички психолог специјализиран за траума и анксиозност. Проблемот настанува кога истрајноста се претвора во круто правило, а секое забавување почнуваме да го доживуваме како личен неуспех.
Во есеј за Big Think, невронаучничката Ан-Лор Ле Канф ја опишува оваа замка преку сопственото искуство со прекумерната работа. Со години се гордеела со способноста да се приспособи на секој нов предизвик, сè додека здравствените проблеми не ја натерале да се запраша дали нејзината издржливост навистина ја штитела или само го одложувала моментот кога ќе мора да признае дека нешто не е во ред.
Границата не е секогаш лесно да се препознае. Понекогаш е корисно да се поттикнеме да направиме нешто што ни изгледа тешко: да одиме на настан и покрај заморот, да продолжиме со тренингот или да седнеме да учиме кога би претпочитале да се откажеме. Но, ако исцрпеноста постојано се зголемува, стресот станува неподнослив, здравствените тегоби се влошуваат, а секојдневното функционирање станува сè потешко, тогаш упорноста можеби веќе не ни служи.
„Кога истрајувањето ќе стане единствената стратегија, физичкото и психолошкото здравје може да почнат да страдаат“, предупредува Кауфман.
Во култура што слави зафатеност и постојан ангажман, одморот лесно добива лоша репутација. Особено кога туѓите очекувања ги претвораме во сопствени мерила за вредност. Но, нема посебна доблест во тоа да се игнорира болката сè додека не стане невозможно да се продолжи.
Понекогаш отпорноста значи да се истрае, но понекогаш значи да се побара помош, да се откаже некоја обврска или да се прифати дека моментално не можеме сè.
А понекогаш:
