Жената што владеела со Париз од кревет

Во 19-ти век, единственото место кое парижани го посетувале почесто од Ајфеловата кула бил душекот на Valtesse de la Bigne. Нејзината е класична Пепелашка приказна, каде што принцот е всушност самата Пепелашка, и не станува принцеза туку куртизана, чие влијание врз најмоќните луѓе во таа ера сè уште се чувствува во денешен Париз.

Пред да стане „валтеза” била едноставно Емили Луиз Делабињ, парижанка од сиромашно семејство, која работела со мајка ѝ за да врзе крај со крај. Работеле во слаткарница во работничко соседство во 9тата област на Париз - позната како Нотр Дам де ла Лорет - каде што имало многу шнајдери и слаткари со главно женски вработени. И затоа што во ова маало имало многу жени, често се случувало да доаѓаат мажи во потрага по романтични (читај: страствени) средби.

Сепак, овие жени не биле како проститутките на Пигал, биле „лорети” - дами кои повремено испробувале сексуална работа за да платат по некоја сметка на крајот на месецот. „Мора да ви биде јасно,” вели историчарката Жоел Шеве во еден француски документарец на темава, „дека жените биле многу мизерно платени во тој момент. Ова била единствената алатка што ја имала за да се искачи по социјалната скала.”

„На 20 години била спремна да си оди од таму,” објаснува Шеве, „и ги искористила сите средства што можела да ги искористи.”

И богами, се искачила. Станала најдобрата лорета во играта, мајстор на уметноста на добриот разговор и била шармантна колку што била начитана. А јаготката на шлагот? Ново, аристократско име: Valtesse звучи како француската фраза за „Ваше Височество” („Votre Altesse”) и тоа ја диктира репутацијата што таа си ја создава за себе.

„Лажела и кажала дека му била љубовница на Наполеон III,” раскажува Шеве, „за да може да влезе на голема врата.” Вратата конечно била ширум отворена, кога го завела Жак Офенбах, кој во тоа време е еден Мик Џегер. Откако го поминува композиторот, веќе преминува од лорета во куртизана. Со љубовниците се среќава во Лаперуз, легендарниот ресторан кој постои до ден денес, а основан е во 1766-та за господа од високото добро утро кои сакале да ги разгалуваат нивните љубовници со пријатни и дискретни вечери.

Имало приватни трпезарии со тајни ходници и до ден денес се гледаат гребаници на огледалата во собите - докази од времето кога куртизаните проверувале колку се вистински дијамантите што ги добивале за подарок.

Еден од нејзините љубовници, Принцот од Саган банкротирал додека ѝ градел огромна куќа во 17-тата област, на 98 boulevard Malesherbes. На список кај нејзе го има и Едвард Мане. Всушност, нејзината куќа ја викале „сликарски синдикат” заради прекрасната уметност што таа ја инспирирала.

Не ја фалеле сите, само што кога ќе видите зошто бил арогантен Емил Зола, сè ќе ви биде јасно. Иако фасциниран од „Нејзиното Височество”, Зола црта сурова карикатура од нејзе во неговиот роман Нана.

„Кревет каков што не постоел,” пишува тој за нејзината спална соба кога го одбила како клиент, „трон, олтар каде Париз доаѓа да се восхитува на нејзината суверена голотија. По страните има ангели меѓу цвеќиња, кои се смешкаат, гледајќи ги задоволствата меѓу нејзините завеси.”

Денес, нејзиниот кревет може да се види во музејот за декоративни уметности во Париз. Чаршафите му се растурени и нејзиниот портрет виси во близина.

Никогаш не се омажила и не ни сакала да се омажи. Наместо тоа, собрала богатство и се преселила во предградијата, за да ја учи нејзината чирачка на занаетот.

„Има и клупа до нејзиниот гроб, за љубовниците да можат да седнат и да плачат,” заклучува Шеве. Закопана е во 1910-та со двајца непознати мажи. Во нејзиниот свет важи дека „човек мора да сака во моментот… како што ги сака црвените нијанси на сонцето кога исчезнува на хоризонтот.”

Еве видео од француска серија за Нана, колку да се долови нејзиниот шарм:

14 март 2018 - 19:24