„Disquiet“ е крајно глуп филм

Во случај да скролате по Нетфликс и да се мислите што да гледате, ако ви фати око „хоророт“ Disquiet („Немир“) - нека не ви фаќа. Или гледајте го како студија за тоа што значи лош филм.

Една од најголемите мистерии околу филмот е прво, дали му снемало пари на Џонатан Рајс Маерс, или му огладнеле кучињата како на Џејмс Каан, па прифатил да игра по ова малоумно, псевдоинтелектуално сценарио? Второ, кога веќе прифатил, зошто е лош до тој степен што меѓу критиките на imdb, тие што прв пат го гледаат, викаат „главниот глумец врска нема“?

На крајот на филмот, пред да се наредат сите учесници како што бива, гордо ќе се потпише како written and directed некој Мајкл Виник, што сигурно бил воодушевен од сопствената идеја да позајми од „Пеколот“ на Данте (ама едвај, на недочитано) и да направи тажен обид да го рециклира концептот пекол, чистилиште и рај.

После кратко гуглање, човек може да се информира дека Мајкл Виник напишал уште неколку сценарија, меѓу кои и еден филм, Malicious, каде што меѓу ликовите стојат sexy demon 1 и sexy demon 2.

Наклонетоста кон секси демони ни во Disquiet нема да му избега на Мајкл Виник, но ќе дојдеме до тоа.

Приказната почнува со човек што доживеал тешка сообраќајка и го возат низ болнички ходник, пред да изгуби свест. Се буди и ги имаме најтипичните, најглупи потези во американски филм - си ги корне сите игли и цревца од инфузија, и тргнува да стане, како што нели, сите правиме кога ќе се разбудиме од анестезија.

Спојлери ќе има, чисто информативно. Ако ептен сакате да го гледате, напуштете сега.

Во болницата нема никој (оф корс), освен еден коматозен тип од карши, што одма го напаѓа и тоа упорно и упорно, додека ликот на Рајс-Маерс не го убие.

Нормално не е убиен, ете го пак.

И така уште малку.

Трапаво се префрламе на сцена каде што една ја успиваат за да ѝ прават естетска корекција на гради (она брка совршенство, знаете) и кога ќе се разбуди, ѝ излегуваат - ТРИ СЕКСИ ДЕМОНИ!

Три секси демони, која од која по првоаприлски исцртана, која од која понезапамтлива, љути се и сакаат да ја убијат девојката што сака да прави цицки.

Овде се две:

Џонатан Рајс Маерс налетува и ја спасува, и како да не се во ненормална положба на празна болница, опкружени со чудовишта што сакаат да ги убијат, за кратко почнуваат да се шегобијат уз пат, па и да се насетува по некој флерт („Облечи го мантилов да не си гола!“ -„Што, ќе си играме доктори?“) за кој брзо-брзо се нема време, „треба да се спасуваме“.

Заборавливо е како ја снема девојката, а се појави некакво обезбедување без лице од кое ЏРМ ќе го спаси една „докторка“.

Во генијален изблик на малоумното сценарио, докторката ќе се претстави како „Лили“,

АМА

„Лили. НЕ Лилит. I don’t like that.“

Е, ви се верува ли колку е ова домишљато? Ви текнуе? Ви текнуе!?!?!!??? ЛИЛИТ! ЕЕеее!

Ако ве има наивни што сте поминале повеќе од еден саат читајќи за митологијата околу Лилит, тука ќе се излажете дека Лилит ќе помага и дека баш контра површните учења и поп-културни референци, филмот има нешто малце длабочина.

Но, не! Освен што е Др. Лили полна глупи реплики од една реченица од типот, пред да замавне по чудовиште, кажува нешто како „Овој разговор е завршен“, Лилит во овој ужасен филм е сепак - лоша. На неколку пати непотребно блиску си разговараат со ЏРМ, си кажуваат глупи, очигледни работи, и тука има малце непотребен флерт, па дури и во еден момент кога другата женска и Др. Лили ќе се најдат во иста сцена, еднава вика „Која си?“ а другата, на цела мука, чудовишта, чистилиште, и живот или смрт, ќе ѝ каже „Со мене си играше доктори пред да си игра со тебе!“

А бе, брич. Парче.

Исто така, Др. Лили кажува дека работи во болницата и дека дошла преку паркингот. Значи, знае и која болница е, и каде се наоѓа итн.

И наоѓаат они телефон што работи во една мртовечница и успева ЏРМ да добие 911 и од таму му викаат „каде сте господине“ и он вика „Не знам, некоја болница, аман, најдете не!“

Ова трае некоја минута, а притоа, докторката тука стои и креаторот на ова велелепно дело се надева дека нема да забележиме дека се прескокнува можноста таа да се вмеша и да каже која болница е.

Гледате ли од каков филм ви се нуди спас?

И по некое време и неколку глупи премрежија - интродакшн на нов лик.

Седнат, инаку пристоен глумец во количка, мирен, сталожен, надвор мрак, во подрум пожар, нагоре светлина, а он се вика - ВЕРГИЛИЈ!

Значи, ви се верува ли колку јако им текнало, не им се верувало ни на нив како може ова волку јако да биде. Еј, пекол, чистилиште и рај, и збунет тип и човек што се вика Вирџил!

Џабе наивните од погоре ќе помислат дека оние три секси демони, уредно замотани со завои преку „проблематичните“ делови од телото, се можеби леопардот, лавот и волчицата од првото пеење на „Пеколот“. Никаква референца нема за тоа. Тоа збори вашата пуста надеж од вас, дека не гледате уште едно ѓубре.

Во филмот има уште неколку лика што служат филмот да не трае пола саат и ете, полека (но ОДНЕНАДЕЖ!) гледаме дека Лилит е само обична Лилит, не нешто поиграно со неа. Лоша е, мајка на сите демони (ама не се кажува тоа, тоа треба да си го знаете) и заробените во болницата ако изберат да тргнат со неа, ќе тргнат кон пеколот, да не веруваш.

Наспроти тоа, ако го слушаат Вергилиј (кој е само водач, и помага) ќе тргнат кон светлината и ќе се ослободат од матната болница.

Овде веќе саат време знаеш дека сите што се мачат да го најдат излезот се всушност во кома, и некако филмот ти налага дека тие што ќе изберат да одат во подрумот - умираат во кома, ама тие што одат нагоре - ќе се освестат.

Е, нема да се освестат, напротив. Ама за да биде појако и почудно и по - аха!, на крај, жената на ЏРМ седи покрај него и му вика I love you, а во нереалноста каде што е неговата свест, на ЏРМ му стига порака на телефон. И он пишува I love you too, и трга кон светлината, а во реалноста, на монитор се гледа дека веќе нема знаци на живот.

НО!

На телефонот на сопругата се појавува СМС - I love you too!

Толку ли им се видело јако така да заврши?

Толку.

Значи, студија за лош филм, или негледање. Трето никако, ама никако нема.

Повелете и друг пат.

-Ј.

20 јуни 2024 - 13:05