Книжевен булинг

Кој тебе со Коен, ти нему со Вејтс

Во полусатиричната рубрика на booksa.hr, „Ординацијата на др. Остојиќ", ученичка во V-б бара спас од еден специфичен вид малтретирање. Ова е проблемот, заедно со медицинскиот совет, кого целосно го подржуваме.

ПРАШАЊЕ

Драг господине докторе,

Се викам Луција. Одам во 5-то б одделение основно. Ви пишувам затоа што еден дечко нонстоп ме малтретира. Всушност, сите ме малтретираат, но еден дечко посебно. Ианку, многу ми е тешко затоа што и немам пријатели во одделението затоа што сум поинаква. Додека сите други деца читаат француски ензистенцилизам и ја слушаат Едит Пјаф, јас играм игрици на iPhone, играм гуми-гуми и ја слушам Ријана. Сите деца ми се смеат затоа што не читам дебели книги, и не размислувам за битието и поезијата. Но што можам кога ми се подраги ријалити емисиите, и комерцијалната музика. Во одделението само едно девојче сака исто што и јас, но таа е ружна, носи розева облека и зборува со некој чуден јазик.

За време на малиот одмор јас си играм, а другите читаат, и после ми се ругаат. Покажуваат со прст на мене, и ми велат дека сум интелектуално дефецитална, и дека сум метален балас и дека сум литературно неписмена, и глупа и ќелава.

Значи тој дечко што ме мачи се вика Марио, и тој е најголемиот фраер во одделение. Нему му се сите единици освен хрватски, по што има петка. Тoј ги има прочитано сите книги кои се некогаш издадени, и ги познава сите литературни видови и родови. Сите девојки паѓаат на него затоа што е толку начитан. А тој најмногу ме гњави! Секој одмор ми доаѓа и ме присилува да ја слушам поезијата на Леонард Коен. Ми ја рецитира „Now of sleeping", а јас се расплакувам затоа што тоа ми е грозно, тоа што го пишува дедово. Во песната "Beneath my hands" глупиот Коен вели дека трепките на некоја девојка се како ножиња на мали, чувствителни животни. И тогаш Марио тоа така пататично го рецитира, што мене ми доаѓа да повратам. Еден ден дојдов до мојата клупа, а таму беа изрежани стихови од песната "I long to hold some lady", па сите ми се смееја. Секој ден Марио ми бара пари за ужинка и ми се заканува дека ќе рецитира ако не му дадам. Тој со тие пари купува нови книги! А сега кога ја забранија Гигапедија, ми бара повеќе пари затоа што инаку ќе почне да го рецитира Коеновиот роман "Прекрасни губитници". Страшно!

Многу ме боли кога морам да ја сушам Коеновата поезија, тоа ми е како некој да гребе со нокт по плоча. Со ноќи имам кошмари, и го слушам Коеновиот ужасен глас. Бев на разговор во училиштето и учителката зборуваше со Марио и директорката зборуваше со Марио, но ништо не помага. Како да му се спротивставам на тој злобен коеновски насилник?

ОДГОВОР

Драга Луција!

Минатата недела се занимававме со проблемот на мобинг на работното место, а оваа недела повторно имаме работа со уште едно малтретирање: се работи за книжевен булинг.

Денешната младина без пардон голта книжевни дела, и не излегува од фиктивниот свет, а се сеќавам на старите времиња кога младите играле на улица, меѓусебно се дружеа и се служеа со исклучително скромен речник. Старите времиња беа во голема мерка побенингни во смисла на тоа што малиот насилник само физички ги напаѓаше неговите колеги и колешки, додека денешниот були сурово ја напаѓа читателската свест на неговите врсници. Додека модриците и отоците минуваат бргу, раните нанесени на читателското ЈАС во детството остануваат болни со години.

Две се причините заради кои Марио можеби те малтретира: првиот, можеби е заљубен во тебе. Незрелите момчиња често насилно се однесуваат кон своите симпатии. Марио е уште младо момче, и можеби уште не научил да ја изразува својата заљубеност на друг начин освен со присилно рецитирање на љубовна поезија. Второ, можеби е љубоморен на тебе. Можеби Марио има дисфункционално семејство во вид на хуманистички воспитани родители, кои го тераат да ги чита сите тие дела и да ја слуша музиката на Коен. Во таа смисла, Марио можеби само сака да ја слуша Ријана, и да игра фудбал. Како и да е, Марио исто така треба итно да се прегледа кај поетски педагог.

Но со оглед на тоа дека си ми пациентка, главната грижа ми е како тебе да ти помогнам. Мојот совет е, спротивно на идејата да не се „спушташ на нивото на насилникот", секако да се спуштиш на книжевното ниво на Марио и да го поразиш. Следниот пат кога тој ќе почне да ти го рецитира Коен, ти студено одговори дека неговата поезија е крајно банална. Потоа поведи се по старата поговорка „Кој тебе со Коен, ти нему со Вејтс", и рецитирај му песни од американскиот кантавтор Том Вејтс. Со тоа не само што ќе му удриш шамар на Марио, туку ќе испратиш порака и до остатокот од одделението. А останатите деца, кога ќе видат како одлучно си ја дефинирала твојата интертекстуална позиција во полето на симболичката моќ на своето одделение, ќе заклучат дека си кул, и ќе почнат да се дружат со тебе.

Доктор Остојиќ

 

28 март 2012 - 11:07