Дигиталниот идентитет во ЕУ ќе стане задолжителен пред банките

Брисел настојува „дигиталниот паричник“ да биде стандард за докажување на идентитет пред банките, иако Европската Унија го претстави како опционален за граѓаните на доброволна опција. Алтернативните проверки и понатаму би биле дозволени, но само како исклучок, кој банката би морала да го оправдува пред надзорен орган.

Европскиот паричник за дигитален идентитет (EUDI) им беше претставен на граѓаните на ЕУ како доброволен, практичен и безбеден начин за чување на личните карти, возачките дозволи и другите документи, како и за пристап до јавни и приватни услуги при директен контакт или онлајн.

Европското тело за борба против перење пари и спречување на финансирање тероризам (AMLA) се залага паричникот EUDI да биде примарниот избор во стандардите за „должна анализа на клиентите“ - информации што компаниите мора да ги соберат и да ги проверат, како и верификација без физичко присуство, електронска идентификација и проверка на политички експонирани лица.

Електронските идентификации, вклучувајќи го и паричникот, обезбедуваат „значително“ или „високо“ ниво на доверба и затоа треба да се користат во секоја можна прилика, се наведува во конечниот нацрт на стандардот доставен до Европската комисија.

Според член од документот, доколку клиентот не може лично да приложи електронска идентификација, банките можат да применат далечинска верификација преку видео-проверка или „селфи“ проверка. Но, ова ќе се смета за исклучок, кој банките ќе мораат да го оправдаат пред надзорниот орган. За таа цел ќе мора да водат посебна евиденција на „слики, видеа, звук и податоци“ заради дополнителни верификации по извршената постапка.

Ова укажува дека банките ќе ги насочуваат клиентите да го користат EUDI-паричникот, за да избегнат повеќе работа и потенцијална одговорност.

Во периодот за јавни консултации имаше критики дека електронската идентификација и паричникот всушност се наметнуваат како стандард, иако беа најавени како опција.

Употребата на европските дигитални паричници за идентитет е доброволна... Пристапот до услугите не смее на кој било начин да биде ограничен или неповолен за физичките или правните лица кои не користат европски дигитални паричници за идентитет, пишува во Регулативата 2024/1183.

Потегот на AMLA се смета за нов чекор за проширување на рамката. Во април, Европската комисија негираше дека дигиталниот паричник за идентитет е задолжителен, но во исто време, германската партија SPD предложи тој да стане задолжителен за сите на возраст над 16 години при пристапување до социјалните мрежи. Во јули Ирска го претстави својот дигитален паричник, изграден врз основа на националниот систем MyGovID.

Со оглед на тоа што поседувањето банкарска сметка е неопходност, а дигиталниот паричник на ЕУ се промовира како претпочитан метод за идентификација во финансискиот сектор, малку е веројатно дека граѓаните ќе имаат голем избор.

17 октомври 2026 - 08:41