Анте Томиќ: Хрватите веќе не можат да си ја приуштат Хрватска

Не е дека баш никој жив не го интересираат шпагети со морски плодови за 55 евра по порција. Понудата и побарувачката се усогласени, угостителскиот пазар функционира совршено без вас. Проблем сте само вие. Цените се приспособени на нивниот висок стандард. Ние сме овде само за странците да се чувствуваат како дома.

Најголемата беда во нашето детство беше кога ќe се правеше некоја подобра храна што ние не смеевме да ја јадеме. Сигурно сте го доживеале ова ако сте пораснале во едно од нашите просечни работнички, чиновнички или просветни семејства каде ништо никогаш немаше премногу. На вечера ќе доаѓаа роднини или колеги на нашите родители и целата кујна замирисуваше на зачини, од каранфилче во густ сос со говедско месо, до цимет во штрудла од јаболка. Влегувавме како магепсани и не трепнувајќи се загледувавме во мајка си додека таа внимателно го мачкаше кафениот крем на обландите, затоа што дури и оние очајни коцки Фигаро со какао и маргарин ги сакавме, а таа строго ќе не опоменеше: „Не пипајте, за гостите е тоа!“

Болката беше како убод во градите, директно во нашето кревко детско срце. Завидливо гледавме како роднините и колегите на нашите родители се гушат во вкусни залаци, надевајќи се дека ќе остане нешто и за нас. Ретко кога остануваше. Ќе ги исчистеа сите чинии и садови, преправајќи се дека се нешто учтиви и умерени. Театарот секогаш беше ист. „Уф, не треба да земам уште, ама ова е толку добро...“, неубедливо ќе се туфкаше гостинот, полнејќи ја чинијата по трет или четврти пат, додека нашата мајка сесрдно го храбреше: „Ма ајде, земај слободно, како дома“, а ние злобно ќе помисливме: „Ждери, ѓубре едно, да даде господ да се задавиш!“

Ништо во нашите сеќавања не е поживо од таквите фрустрации. Децении подоцна можете да ги реконструирате до последниот детал. Додуша, нешто слично се случува и во сегашноста, нешто што ќе ја разбуди долго потиснатата беда, ќе ви ја разбранува тињата од дното на душата. Ќе се шетате низ пазар запрепастувајќи се од цените. Кој ги купува овие праски, кој ги купува овие јагоди, ќе повторувате налутено, знаејќи дека тоа нема смисла. Затоа што некој очигледно го купува овошјето, немаше да има цена на него ако нема кој да ја плати. На крај ќе видите корејски туристи како ги товарат ќесите со сочно овошје без да се плашат што ќе покаже вагата.

Подеднакво бесмислено и глупаво е вашето скандализирање од менијата во угостителските објекти. Погледнете околу себе, сите маси се фатени од Американци, Италијанци, Германци, Холанѓани, не е дека баш никој жив не го интересираат шпагети со морски плодови за 55 евра по порција. Понудата и побарувачката се усогласени, угостителскиот пазар функционира совршено без вас. Проблем сте само вие. Конечно го сфаќате она што мајка ви ви го има зборувано во детството.

Тоа не е за тебе. За гости е.

Навикнете се дека маркетите, продавниците, кафулињата и рестораните покрај брегот сè помалку сметаат на вас. Ако не размислувате да се вработите како касиер или келнер, нема што да барате таму. Муштериите и клиентите се странци. Цените се приспособени на нивниот висок стандард. Ние сме тука само за Американците да се чувствуваат како дома. Всушност, Американците, Италијанците, Германците и Холанѓаните овде и се дома, на оваа почва која поради некоја причина сè уште ја сметаме за своја. На таблите на вратите од становите сè помалку има презимиња на „иќ“. Цените на становите во новите згради, од 5, 6 или 8 илјади евра за метар квадратен, дури и во полоши периферни населби, можат да ги платат само странците.

Така е и во нашето соседство, во Србија, барем во главниот град. Неодамна се возев во такси по злогласниот Белград на вода, шокиран од десетиците вртоглави згради кои никнале покрај Сава и сè уште никнуваат, речиси секојдневно. Кој гради и за кого, го прашав помладиот возач, а тој ми објасни дека градежните фирми се претежно од Турција, а становите најмногу ги купуваат Руси и Арапи.

И додека ми го кажуваше тоа, на радио тргна една песна од пред многу години, кога јас бев млад, а таксистот можеби и не беше роден. Катерина Велика: „Ова е земја за нас. Ова е земја за сите наши луѓе. Ова е куќа за нас. Ова е куќа за сите наши деца“. Какви глупости, си помислив. Националистичките режими нè заведуваа и сè уште не заведуваат со илузии дека ова е нашата света земја. Дека сме сигурни тука. Свои на своето. Никој не може одовде да нè избрка.

А во стварноста сè ни е скапо, и храна и пиење и домување. Ние веќе не можеме да си го дозволиме животот во земјата на своите дедови. Оваа демек самостојна и суверена наша татковина ни стана преголем трошок. Наскоро само од далечина ќе уживаме во нејзината убавина. Хрватска ќе биде заграден ресорт. Само за гости.

Анте Томиќ

 

20 јуни 2024 - 11:51