Невозможно е да се разговара за свадби, без да се влезе во дебата како треба, а како не. Едни мислат дека треба деверушите да се облечени исто, друи мислат дека тоа се глупости; црква на едни им е врвот на свадбата, на други им е чекор што лесно се прескокнува.
Има ли правилен начин да се направи свадба? Не. Ама може да им се олесни на сите.
Новите трендови на пример, не бараат да има впечатлива кола по секоја цена. Освен ако колите општо не ви се хоби како пар, колата никого не го интересира. Плус, ако планирате да изнајмите олдтајмер, предвидете дека нема клима - а невестинската шминка кошта.
На запад има и некое непишано правило дека женската страна плаќа, но сега, по ново, се придвижуваат кон нас. Тоа што има трета опција за размислување, а тоа е парот сам да си плати, што би било и тест на спремноста да се запловува во брачни води е малку непријатно за замислување на нашево поднебје, ама за тоа друг пат.
Трендовите упатуваат на помалку декорации, да не шљашти Пинтерест од секој ќош, и на прескокнување на сè што се прави само затоа што „мора“: Не мораш да каниш луѓе што не ги сакаш, не мораш да ангажираш некој или нешто што не ти значи. Се елиминира сè што создава стрес, макар тоа да значи и бришење наводно битни луѓе од список на гости.
Фина идеја е при истражувањето на фризура и шминка да не пишете „невестинско“ во Гугл - досадно е. Наместо тоа, изберете тип на шминка и фризура што ви одговара вам, инспирација од јавна личност што ви е слична по сензибилитет.
И на крај, најконтроверзното, ама ред е да се пренесе: Фонд за развод. Еден свадбен фотограф од Солт Лејк Сити инсистира на ова - да тргнеш пари на страна што ќе ти се најдат во случај на развод.
Не ја занемарувајте вредноста на добрата фотографија - свадбата, музиката, храната ќе поминат, сликите и снимките остануваат.
Од она што кај нас не е така популарно, размислете да испратите благодарници. Ова е тренд на запад, кај нас не толку, со оглед на тоа што имаме по 400-500 гости, ама фина идеја е, ако имате од уредните свадби со 100 души. А кога сме веќе кај тоа, размислете и секако 100 да биде максимумот.
На присутните треба да им биде удобно, размислете сами да направите распоред наспроти тоа колку се очекува да траат деловите од свадбата и бидете присутни покрај партнерот и гостите.
И со среќа.
Колку од вас ќе отворат фонд за развод?