Барањето наводно било направено на состанок зад затворени врати организиран од кинеското Министерство за трговија а бараните контра-мерки би биле насочени кон автомобили од ЕУ со големи бензински мотори.
Минатата недела ЕУ им се закани на кинеските производители на електрични возила со царини до 38 отсто, што би можело да стапи на сила веќе на 4-ти јули.
Поради молкот на Пекинг и на европските компании кои присуствувале на состанокот нема многу информации околу ова па се повторува написот од минатиот месец на државниот весник Глобал тајмс, дека тарифите од 25 отсто ќе треба да важат за автомобили со бензински мотори поголеми од 2,5 литри. Значи, ќе се таргетираат само луксузните и ултра луксузните возила.
Новите давачки со кои се заканува ЕУ ќе се надоврзат на сегашната стапка од 10% царина што се наплаќа на сите електрични автомобили произведени во Кина.
Интервенцијата на ЕУ доаѓа откако САД минатиот месец направија драстичен потег за зголемување на царината за кинеските електрични автомобили од 25% на 100%.
Кинеската влада ги осуди одлуките како протекционизам и почна да враќа: започна истрага за увоз на европски производи од свинско месо и сигнализираше слична истрага за увозот на хемикалии од ЕУ и САД.