Ташната од Крок-папуча што никој не ја побара

Никој.

Кој објави дека е во ред да се натпреваруваш во тоа кој ќе ги искористи Крокс папучите во погрд проект, и дали конечно треба да се откажеме од ваквите прашања и да се помириме дека еден ден ќе има логично објаснување?

Дали Кроксот се повик за револуција, или алатка за раскринкување на учмаениот моден свет? Или да престанеме со трескање глупости и да се разбереме дека се работи за една обична, удобна папуча и дека самиот факт што светот е во love-hate врска со нив ги прави толку атрактивни за експерименти.

А може и да е тивка револуција. Видете ги апликациите. „Лузер” и „Грд, ама искрен”. Може па гледаме во уметничко дело. Ништо веќе не е јасно до крај. Од папучи ли да добиваме егзистенцијални кризи сега.

Едно е сигурно. Ги искористиш ли за нешто друго освен миење двор, добиваш бесплатен маркетинг.

Брендот Pizzaslime (кој очигледно сака да конкурира на ружнотијата на Баленсијага) се спои со Крокс и заедно креираа ташна од грдата, гумена кломпа.

Цена?

Триста долари.

Ако им отидете на сајтот, ќе најдете и други бизарности, од типот маица со Кајли Џенер и јајцето што ја победи во лајкови, или еве, ваков поп-ап за претплата со мејл:

Со Дилан.

Него, да се вратиме на првобитната тема, со само уште една поразителна информација:

Ташната е распродадена.

Убав ден.

15 февруари 2019 - 00:08