Едно од можните толкувања за ваквиот избор на режијата како посакувана втора професија на научниците е што филмовите се често првите искуства кои ја поттикнале љубопитноста во врска со светот на научниците. Соочувањето со мистерии во измислен свет така станал романтичен подвиг тие да се разрешат во реалниот.
Но тргајќи ги на страна понеобичните одговори, како на пример оној на истражувачка на сексуалните животи на горилите, која одговорила дека кога не би била научник би била - горила, останатите содржат професии како музичар, сликар, писател, поет. Заедно со спомнатиот најчест одговор, филмската режија, изгледа дека тие одат контра стереотипното тврдење за тоа дека науката и уметноста се „две култури“, а го промовираат она дека овие две човечки активности произлегуваат од истата желба да се погледне под површината и да се открива светот.
Хоуп Јарен, на пример, геохемичарка и геобиолог, авторка на „Девојката од лабораторијата“, мемоар за нејзиното созревање во областа на науката, вели дека и таа, исто како и уметноста, може да те промени засекогаш: „Лично мислам дека вистинската цел на науката не е да гради мостови или да прави лекови против импотенција. Тоа е да ја храни нашата душа на истиот начин на кој тоа го прави уметноста“.
Ова е спротивно на идеја која повеќе од педесет години беше (наводно) критикувана, но со оглед на нејзиното повторување на некој начин и подржувана како самоостварувачко пророштво. Во мај 1959, еден популарен писател и хемичар по име Чарлс Перси Сноу изјави, пред собир на професори и студенти на Универзитетот Кембриџ, дека книжевниците и природонаучниците ги дели „јаз на меѓусебно неразбирање“. „Ненаучниците имаат вкоренето сфаќање дека научниците се површно оптимистични, несвесни за човечката состојба. Од друга страна, научниците веруваат дека уметниците се во длабока смисла антиинтелектуални, сакајќи да ја ограничат и уметноста и мислата на егзистенцијалниот момент“.
Дури и по веќе од 50 години од тој момент, ова е се уште мантрата која се повторува секогаш кога станува збор за односот меѓу науката и уметноста. Во новата книга „Просветителство сега“ (за која пишувавме тука), когнитивниот психолог Стивен Пинкер пишува дека „аргументот на Сноу изгледа актуелен и денес“, бидејќи отфрлањето на разумот, науката, хуманизмот и прогресот има долга традиција во елитната интелектуална и уметничка култура.
Барем оние научници интервјуирани од Наутилус сепак сметаат дека соработката помеѓу науката и уметноста е основа на хуманоста, а една од најлошите работи за секој научник е да заборави дека е (само) човек, и дека тоа подразбира да се поседуваат особини кои немаат врска со аналитичност или рационалност. Така и науката која тие ја создаваат има повеќе врска со реалноста, а не со некој замислен, апстрактен модел на човек, кого надвор од лабораториските услови всушност го нема.
Претходно: Осврт за „Две култури“ на Ч. П. Сноу од гостин-уредник во Букбокс