Букбокс читанка, гостин-уредник: Здравко Смилевски

„ДВЕ КУЛТУРИ“ од Ч.П.Сноу (и нејзиното интелектуално влијание)

Ајде да видиме – колкава е веројатноста некој микробиолог, астроном или геолог да го има прочитано, па уште и наизуст да го рецитира Волт Витман? Од друга страна, колкумина пијанисти или поети би можеле од збор до збор да го наведат Вториот закон на термодинамиката?

Она што денес го нарекуваме „општа култура" одамна не се совпаѓа со идејата за ренесансно знаење, според која луѓето не би требало само да памтат датуми и имиња, отприлика доволно за до втор праг на Милионер, туку треба и нешто навистина да знаат, што подразбира способност за комбинирање на информации и вештини кои западната култура така непромислено ги поделила на два табора – научниот и уметничкиот, одделувајќи ги со висок бетонски ѕид. Нашиот денешен гостин-уредник ја раскажува приказната за тоа кој ја дијагностицирал, но и кој сè се обидува да ја поправи оваа ситуација, преку промовирање на таканаречена „трета култура", која наместо исклучување и притаен презир, нуди интердисциплинарност и соработка помеѓу дисциплините.

Со Здравко се „запознавме" на ѕидот на Фејсбук групата на Букбокс – живее во Бруклин, со неколку дипломи, од кои едната за развој на образованието на Универзитетот Колумбија, и работно искуство кое ги вклучува ОН и канцеларијата на градоначалникот на Њујорк. Самиот се опишува како ангажиран домаќин, наставник во природа и самоук „сештар" (веројатно македонски пандан на сваштар). Му благодариме што прифати да ни гостува – должиме кафе во некое бруклинско кафанче, во Дебар маало

ДВЕТЕ КУЛТУРИ НА СНОУ И ТРЕТАТА НА БРОКМАН
Здравко Смилевски

Британскиот физичар и писател Чарлс Перси (Си Пи) Сноу во своето предавање „Двете култури" (1959) зборува за апартхејдот во кој опстојуваат двете интелектуални традиции: книжевната и научната. Меѓу другото, тој укажува на апсурдноста на тогашниот концепт за интелектуалец кој ги исклучува гигантите на човечката мисла како Ајнштајн и Вон Нојман, како и на отсуството на меѓусебно разбирање и комуникација меѓу овие две култури. Како решение, Сноу ја предлага идејата за една нова, трета, култура која ќе го премости јазот меѓу книжевната и научната традиција и ќе посредува при комуникацијата со јавноста. И покрај живата јавна расправа предизвикана од овој труд, вака замислената трета култура долго време останува само пуста желба.

На почетокот на осумдесетите, Џон Брокман—културен импресарио, бизнисмен, уметник, пионер на издаваштвото во софтверската индустрија, книжевен агент на нобеловци и интелектуален ензим—ја воскреснува идејата за третата култура. По раните успеси на авангардната њујоркшка филмска и музичка сцена, Брокман станува активен во интелектуалните кругови. Инспириран од визијата на уметникот Џејмс Ли Бајерс за една инсталација наречена Светски центар за прашања, го основа Клубот Реалност по урнек на традиционалните салони како што се Невидливиот колеџ (претходникот на британското Кралско друштво, односно Академијата на науки) и Лунарното друштво од Бирмингем (каде дружеле водечките личности од новото индустриско доба, како Џејмс Ват и Бенџамин Френклин.) Бајерс сакал да ги собере на едно место стоте најблескави умови на човештвото, каде тие ќе можат да си ги поставуваат еден на друг оние прашања кои обично си ги поставуваат себе си. Иако тој не доживува да ја види светската интелектуална елита собрана под ист покрив (при неговиот прв обид за остварување на оваа идеја седумдесетмина му ја спуштиле слушалката кога ја чуле идејата), таа конечно станува реалност благодарејќи на неуморниот труд на Брокман и современата информатичко-комуникациска технологија. Денес третата култура живее на Еџ, каде што Клубот Реалност мигрира во 1997, и кој денес брои околу 700 активни учесници.

Во својот есеј „Појавата на третата култура" Брокман го опишува новото интелектуално движење:

„Третата култура се состои од научниците и останатите мислители во емпирискиот свет кои, низ својот труд и текстови наменети за пошироката јавност, го заземаат местото на традиционалниот интелектуалец во обидите за разоткривање на подлабоките значења во нашиот живот, притоа редефинирајќи кои сме и што сме.

Во последните неколку години, теренот на американскиот интелектуален живот се смени и традиционалниот интелектуалец сé почесто е маргинализиран. Образованието од 1950те со фокус на Фројд, Маркс и модернизмот не е доволна квалификација за денешниот мислител. Навистина, традиционалните американски интелектуалци се, на некој начин, сé пореакционерни и често горделиво (и перверзно) незапознаети со многу од вистински значајните интелектуални остварувања на денешницата. Нивната култура, која ја отфрла науката, е често неемпириска. Таа користи сопствен жаргон и сама си ги пере алиштата. Таа се одликува пред сé со коментирање коментари, чиј буен вител на крај ќе го проголта вистинскиот свет."

Меѓу нив се вбројуваат биологот Ричард Докинс, философот Даниел Денет, физичарот Мари Гел-Ман, пионерот на вештачката интелигенција Марвин Мински, основачите на бихевиоралната економија Ричард Талер и Даниел Кејнман, когнитивниот научник Стивен Пинкер, антропологот Џеред Дајмонд, таткото на еволутивната психологија Џон Туби, и стотици други. Во своите книги за широката јавност тие не само што ги популаризираат клучните концепти и прашања од своите дисциплини, туку и ги ситуираат своите увиди во контекст на егзистенцијалните теми на човештвото.

Еџ се одвива во живо, преку семинари, патувања, вечери, напредни работилници, и виртуелно, на edge.com и низ збирки есеи на разни теми (минатата година излегоа две: за умот и за културата), кои се идеален начин за запознавање со Третата култура. На пример, секој јануари, Брокман го поставува годишното прашање на Еџ. Одговорите, освен на сајтот, се објавуваат и во печатена збирка. Интересните прашања (Што веруваш дека е точно иако не можеш да го докажеш? За што го имаш сменето мислењето? Што ќе смени сé? Зошто си оптимист?), кусиот формат (1-3 страници по автор), разбирливиот јазик, интердисциплинарниот пристап (поинтердисциплинарно—здравје!), информативната дебата и проникливите гледишта на авторите ги прави збирките налик на бомбониерата на Форест Гамп: никогаш не знаеш какво бомбонче ќе ти се падне!

Како ни помагаат авторите од Третата култура „во обидите за разоткривање на подлабоките значења во нашиот живот?" Да го погледнеме прашањето за слободната волја. Интуитивно, таа е неоспорен факт. Но, работите се малку комплицирани. Во „Себичниот ген" биологот Ричард Докинс ја популаризира ген-центричната теорија за еволуцијата која ја врти наопаку нашата претстава за тоа кој е газда дома. Пред да ја прочитам оваа книга се доживував себе си како автономен агент кој, меѓу другото, ги користи гените (конкретно, тие во репродуктивните клетки) за да се репродуцира. Но, читајќи ја разбрав зошто всушност јас сум машина за преживување, изградена од самите гени со цел тие да се репродуцираат! (За жал, просторот овде не е доволен за деталното образложение претставено во втората глава од книгата, заради што го препорачувам овој исечок.) Во уште еден неочекуван пресврт кон крајот на книгата се запознав со нов репликатор кој се натпреварува со гените за влијание над моето однесување: мемите, единиците на културно наследство. Доколку овие два репликатори ги влечат конците на моето размислување и однесување, колку е навистина слободна мојата волја?

Иако ваквиот концептуален увид е корисен за начелна промена на гледиштето, доказите кои во пракса го дестабилизираат концептот за слободната волја доаѓаат пред сé од невробиологијата. На пример, во „Кус преглед на човечката свесност" В.С. Рамачандран претставува дополнителни причини заради кои идејата за слободна волја е проблематична и ги илустрира со експерименти. Во еден од нив, учесниците имаат на располагање десет минути во кои по слободен избор ќе решат во кој моментот да мрднат со прстот. Резултатите се зачудувачки: сигналот кој ги става соодветните моторни неурони во состојба на подготвеност за дејствување се регистрира на ЕЕГ записот скоро една секунда пред учесникот да го мрдне прстот, иако неговото чувство за свесна волева акција е речиси истовремено со фактичкото придвижување на прстот. (Рамачандран е воедно еден од пионерите на невроестетиката, чија цел е да ги лоцира невролошките принципи и корелати на естетското искуство.)

Конвергентните докази од сродни дисциплини упатуваат на заклучокот дека нашите одлуки се во голема мерка несвесни, а рационалните објаснувања кои ги имаме за нив се само ретроактивни рационализации, приказни за големи деца.

Се разбира, приказната не завршува тука бидејќи слободната волја не е само апстрактен философски проблем, туку има директни општествени последици. Без неа не можеме да зборуваме за лична одговорност, основната претпоставка на човечките морални и правни системи. Приказната е премногу долга да се раскаже тука, но извонредно интересна кога ја раскажува новинарот Роберт Рајт во неговиот вовед во еволутивната психологија, „Моралното животно." Прочитајте ја!

19 јануари 2012 - 00:00