Во текст на оваа тема во New Republic се тврди токму тоа - дека ако на девојката ѝ пишете „знам дека денес ти е роденден, и ти ветив дека ќе излеземе, ама нели е поубаво да јадеме дома?" и таа ви одговори со „добро", тогаш навистина мисли дека тоа е ок. Ако ви пише „добро." тогаш можеби и нема да јадете. Или не со неа. Или не дома.
Ова е необичен пресврт во пишуваниот јазик - точката отсекогаш била неутрален начин да се заокружи една мисла, но дигиталната комуникација ја претвора во нешто поагресивно. Можеби таа едноставно се лути што сè повеќе луѓе ја испуштаат, или ја заменуваат со нов ред. Така, без неа, разговорот изгледа како да не е завршен. Ако пак ја напишете таа како да сигнализира: „толку. и точка."
Отсуството на точката, но и на другите интерпункциски знаци е особено видливо на Твитер, каде заради ограничувањето на 140 знаци со тоа се „штеди" на карактери. А ако веќе сте ставиле некаков знак, тогаш луѓето во него гледаат некакво скриено значење. Тоа особено важи за прашалникот и извичникот, кои сега се единствените знаци од „старата гарда" кои укажуваат на она што еден оратор би го нарекол „тон", или некаква нијанса на кажаното. Најголемиот број недоразбирања се однесуваат на можната иронија и сарказам скриени во одредена реченица, кои без тој „тон" кој го овозможува усната комуникација и придружниот говор на телото навистина можат да се промашат.
Токму затоа емотиконите се толку корисни на моменти - затоа што го внесуваат моментот на невербалното во вербалната комуникација. Тие, како и серијата нови интерпункциски знаци за кои веќе пишувавме, покажуваат дека тука има широко семантичко поле кое допрва треба да се пополнува. А што се однесува до точката, во усната комуникација таа лесно се заменува со лесно замавнување со главата лево-десно или со обично „'ц". И тогаш сè е (по)јасно.