Зошто научниците претвораат молекули во музика?

Експерименталното „преведување“ на био-податоци во звуци почнале пред повеќе децении, но денешната пософистицирана технологија овозможува тоа да се прави полесно и со поголем ефект. Сепак, добиената музика не е само финта, туку служи за објаснување на сложени процеси на многу поразбирлив начин, а може да доведе и до нови откритија.

Првите експерименти во кои научниците претвориле биолошки податоци во звук почнале во 1980-тите. Во САД, Дејвид Димер, сега биомолекуларен инженер на Универзитетот Калифорнија и пијанист, вели дека тогаш разговарал со колега-истражувач кога забележал дека трите од четирите основни нуклеобази кои влегуваат во составот на нуклеинските киселини на ДНК (DNA) соодветствуваат на латиничните ознаки на музички ноти: A (аденин), G (гванин) и C (цитозин). Одлучил да ја додели нотата Е на четвртата, тиминот. Почнал да ги свири на пијано и сфатил дека некои од овие комбинации всушност претставуваат два акорда на музичката скала (C Major 6th и A Minor 7th). Собрал неколку колеги и компонирал мелодии од овие ноти, што кулминирало со касета под наслов „ДНК суита“. Таа се состоела од половина час музика базирана на генот на човечкиот инсулин и некои бактериски ДНК секвенци. 

Во меѓувреме, во Франција, лекарот и композитор Џоел Стернхамер правел нешто слично. Тој развивал рамка базирана на физика за да ги транскрибира вибрационите фрекфенции поврзани со секоја од 20-те амино киселини кои влегуваат во составот на протеините и да ги претвори во музика.

Од тогаш експерти во различни области „сонифицираат“ вируси, хормони, протеини, пајакови мрежи (за тоа види претходно тука), користејќи голем опсег техники инспирирани од претходните обиди. Композиторот Стујарт Мичел го има основано старт-апот „Твојата ДНК песна“ и користи метод на сонификација за да ги претвори индивидуалните генетски информации во персонализирана мелодија.

Но што е научната вредност на ова? Најпрвин, ова е ефектна комуникациска алатка, која на генералната јавност ѝ овозможува разбирање на комплексните научни системи. Полесно е нешто да се објасни преку музика отколку преку дијаграми и хемиски ознаки. Ова е особено важно во образованието, па истражувачи кои работат во оваа област нудат наставни материјали, домашни задачи и звучни и видео примери кои можат да ги користат наставниците. 

Од друга страна, самите научници низ овој процес можат да дојдат до нови откритија за начинот на правење нови материјали или синтетизирање ново лекарство. Во моментов еден од научниците кои се занимава со „превод“ на гени во музика работи на изнаоѓање протеин за продолжување на рокот на траење на храна што брзо се расипува. 

извор

18 мај 2022 - 08:49