Во една од исландските саги, која датира од 13 век, кралот Харолд во првата реченица ја собира војската од целата земја, а до крајот на третиот пасус веќе ја победува востаничката армија, ги лекува раните на своите луѓе и владее со цела Норвешка.
770 години подоцна, да споредиме како тече нарацијата кај, на пример, Дејвид Фостер Валас. Во еден негов краток расказ, на 13-годишен лик му требаат 12 страници да помине од точка А до точка Б по должина на базенот, да чека во ред на скокалницата, да се качи по скалите и да се подготви да скокне. Во текот на целиот тој мачен процес Валас нè внесува во вознемирениот ум на момче кое тукушто влегува во пубертет, неговата реакција на женските тела во бикини, мислите околу тоа дали е подобро да направиш нешто што те плаши без да размислуваш, или пак е подобро да не влегуваш во ризик.
Овие примери ја илустрираат еволуцијата на западната литература од нарации кои се поврзани со дејства, кон нарации кои се фокусираат на внатрешниот живот на ликовите. Па сепак е малку чудно - зарем на луѓето од минатото не им било важно што мислат и што чувствуваат ликовите од нивните омилени епови и саги? Нели е некако нормално да те интересира тоа?
Едно објаснување нуди текст на оваа тема во Наутилус: луѓето кои живееле во претходни општествени уредувања биле помалку преокупирани со она што се случува во туѓите умови, едноставно затоа што не морале да се занимаваат со тоа. Во време кога изборот за тоа како да постапиш и кој да бидеш бил многу ограничен, а дејствата биле горе-долу предвидливи согласно општествената улога, немало баш голема причина зошто да бидеш упатен во менталните состојби на другите. Појавата на книжевност која се фокусира на умот ја одразува промената во општествените уредувања, во кои просторот за лична иницијатива и земање на судбината во свои раце почнал да се шири.
Од друга страна, книжевноста знае и да поттикне општествена промена, можеби не таква која се случува преку ноќ, но таква која дава резултат на долги стази. Оттаму, дали прво почнале општествените или книжевните промени е прашање на јајцето/кокошката. Можеби книгите кои зборувале за внатрешниот живот на сложени ликови дале импулс читателите да мислат и за себе и за другите на поинаков начин - како за мислечки и активни субјекти во свет кој станувал сè посложен и похаотичен. Вештините за разбирање на социјални контексти и соодветното реагирање на нив се пренесува преку културата, и тоа е бавен процес на учење, како што е на пример способноста за читање или играње шах. Една студија чии резултати се објавени во стручното списание „Развој на детето“ (Child Development) од 2014, покажала дека зачестеноста со која мајките употребувале зборови како мисли, заборава, се чуди, учи или се преправа кога децата им биле на само 2-годишна возраст го предвиделе развојот на нивните ментални вештини на возраст од 3, 6, па дури и 10 години.
Но вон психолошките експерименти кои се одвиваат во сегашноста, самата книжевност содржи назнаки за моќта на емпатизирање на читателите. Имено, сите автори избираат колку од она што го опишуваат ќе биде експлицитно наведено, а колку премолчено, односно ќе се подразбира. Ваквиот избор ни кажува нешто за претпоставениот јаз помеѓу јазикот и намерата, за кој писателите сметаат дека нивните читатели ќе можат да го прескокнат. Колку што книжевноста е помодерна, толку овој јаз е поширок. Длабоката доверба во читателот и оставањето простор тој да ја употреби или развие својата социјална имагинација може да има трансформативен ефект врз него. Изоставувањето тука всушност значи акцентирање. Така ликот се гради во спрега со читателот, а и двајцата стануваат повеќедимензионални, за разлика од оние „древните“, кои остануваат на површината.