Франсоа, главниот лик во книгата, е средовечен професор по книжевност кој предава на Сорбона. Исцрпувајќи ги забавните аспекти на читањето, фудбалот и сексот, тој почнува да наоѓа бизарно задоволство во ТВ спектаклот околу претседателските избори. По првиот круг во трката остануваат двајца кандидати - Марин Ле Пен - водач на радикално десниот Национален фронт, и претседателот на новата исламистичка партија на Франција, Мохамед Бен Абес. Социјалистите склопуваат сојуз со „Муслиманското братство" да ја победат Ле Пен, па така Бен Абес станува претседател. Веднаш сите жени мора да бидат покриени, државните училишта прифаќаат исламска наставна програма, а Франсоа е информиран дека не може да се врати на неговото работно место доколку не премине во ислам. Да потсетиме, годината е 2020.
Со ваков заплет лесно е романот да се толкува како истоветно сојузништво со десничарите на Франција. Но пораката е малку поинаква - дека исламистите и анти-имиграциските демагози треба да бидат на истата страна, затоа што и двете страни во основа се против плурализмот и за враќање кон „традиционалните" вредности.
„Покорување" оттаму не е (толку) политички роман, туку сатира, која удира по интелектуалците кои се лесна цел за манипулација. Колегите на Франсоа, на пример, не се привлечени од новиот поредок заради некакви филозофски или верски причини, туку затоа што новите саудиски сопственици на Сорбона плаќаат многу подобро. И не помалку важно, дозволуваат полигамија: „Една 40 годишна жена за готвење, една од 15 години за други работи". Романот завршува со фантазиите на професорот за тоа што сè би можело да му донесе промената на верата, и со реченицата „Не би имал за што да жалам".
Уелбек и претходно беше познат по ставовите во врска со „исламизацијата" на неговата татковина. Но поклопувањето на промоцијата на неговиот роман со настаните околу Шарли Ебдо ја потенцираа нејзината скандалозност, а издавачот на Уелбек ангажирал и телохранител. Засега на авторот сепак никој не му фрлил фатва.