За важноста на запирките пишувавме и порано, кога фаќавме сеир на караниците помеѓу Њујорк Тајмс и Њујоркер на оваа тема. Тогаш работата беше каде да се стават запирки. Помалку од две години подоцна, прашањето веќе е - дали?
„Мораш да употребуваш вистински зборови. Пожелно е да ставаш запирки. Но ако човек се заебе со запирките, целата смисла се менува", ни порача еднаш Штулиќ кога ја објаснуваше суштината на преведувањето и пишувањето поезија. Запирките, во голем број случаи, се столбови на значењето, и нивното отстранување значи рушење на целата внимателно редена структура. Прецизниот „архитект" на текстот ја предвидел неговата статика, точно ги знае местата на спојување и разделување на материјалот, и со запирката, како со диригентско стапче, ви покажува каде треба да земете здив, а каде да го испуштите, за и вие и градбата да дишете. Без запирки нема ритам, нема музика, нема нијанси.
Ете таков почнува да ни станува јазикот на социјалните мрежи, во кој поагресивните прашалници и извичници ги истиснуваат посуптилните запирки, тирето, точка запирката (што беше тоа?), двете точки. Неодамнешната изјава на Џон МекВортер, вонреден професор по англиски и компаративна книжевност на Универзитетот Колумбија, дека запирката не само што исчезнува туку дека тоа е и добра вест, ги крена на нозе оние кои го разбираат нејзиното значење. Неговиот аргумент, дека тоа што интернет корисниците, но и некои писатели почнуваат да ја запоставуваат запирката „нема многу-многу да одземе од јасноста на напишаното", не кажува многу за тоа на кои текстови се мисли, и на кое ниво на „јасност". Притоа, спомнувањето на тн. „Oксфордска запирка" во ист контекст со обичната (тоа е онаа која во англискиот се става пред сврзникот и на крајот од некоја низа) е форма на иле.
Точно е, како што вели тој, дека граматичките и правописни правила се подложни на еволуција, дека се форма на договор кој се менува со текот на времето. Но сугерирањето да се отфрли запирката, и во формалниот и во неформалниот дискурс, е можеби само линија на помал отпор на оние кои не се сигурни каде да ја стават. И несигурност на оние кои имаат „чувство за запирки", но не знаат како да им го пренесат тоа на другите.
Како што тргнало со отфрлањето акценти, скратувањето зборови и баталувањето интерпункција, наскоро семантичката збрка може да стане толку голема што ќе мора да се вратиме на усното комуницирање лице в лице. Кога ќе видиш, тоа па и не е толку лоша работа. До тогаш , не ја даваме. Евентуално доаѓа предвид варијација на тема, како средното на сликава.