По првичниот шок од веста дека на 57 години, во својот стан во Лисабон починал Дејан Тиаго Станковиќ, ми беше потребен час и кусур да ги искролам сите пораки што сме ги размениле со него во последниве неколку години, за да се потсетам на првата:
„Ај, лебати, како колешка лингвист, што ви значи тоа ’ти брка работа’? Една девојка на бензинска на автопат кога ѝ побарав ситно ми вика ’Ти брка ли работа стотка?’“
Си викам кој е овој со чудно презиме, вака ли се почнува муабет и кај ме најде да му бркам ваква работа. Велам не сум лингвист, ама вака и вака.
Ми вели - „И јас не сум, па не се фалам“.
И навистина, Дејан по формално образование беше архитект. По завршувањето на студиите во Белград, од чиста љубопитност заминал од дома, најпрвин во Лондон, а потоа во Португалија. Основал семејство, научил јазик, добил државјанство. Почнал да преведува, од ќеф и само она што му се допаѓало - Сарамаго на српски, Андриќ, Црњански, Душан Ковачевиќ и Драгослав Михајловиќ на португалски. Паралелно преведувал за луѓе затекнати во Португалија по затвори, адвокати и судови, а и кога доаѓале македонски политичари во официјална посета, оти немало кој друг. Првата книга раскази, „Од каде што бев, веќе не сум“ го отсликува тоа втопување во за него новата култура и нејзините човечки приказни.
Таа е посветена на неговата баба („На мојата старамајка Политима, велемајсторка на конфабулацијата“), Влаинка од Скопје, од која ги научил првите македонски зборови и коледарските песни. Студирала во Белград каде и се омажила, но својот син (таткото на Дејан) го донела да биде крстен во Скопје, во црквата св. Спас. Нивната куќа кај Камени мост паднала во земјотресот, а во кадар на Филмски новости во кој една баба во црнина седи пред рушевините со семејниот накит на неа за да не ѝ го украдат, е неговата прабата Матилда, мајка на баба Политима. Токму затоа му беше толку важно таа прва книга да биде преведена на македонски.
Се нафатив со зазор, оти не е сеедно кога авторот ти е современик па уште и го разбира јазикот - стално нешто го потпрашував. „Ај не претерувај“, викаше, „стави како што ќе ти дојде, додади, измисли ако треба, не се стегај“. Така се случи и тој, и уште два превода - „Есторил“, роман за „вистинскиот Џејмс Бонд“, Душан Попов, кој потоа влезе во редовна лектира во португалските училишта и за кого се одвиваат преговори да се сними филм. И „Замалек: роман за к’сметот“, резултат на неговиот подолг престој во Каиро, за чија промоција на последниот саем на книгата беше и во Скопје.
„Македонците се на рана да ги ставиш“, напиша тогаш на својот Фејсбук профил, кој всушност беше расадник на негови кратки раскази, етиди и анегдоти, кои го разбиваа сивото мрежно секојдневие. Жената која му чистеше, комшијата од поткровјето, синовите, сите тие делуваа некако благородно и интересно низ неговото раскажување. Искрено се надеваме дека некој од неговите ќе се сети сето тоа да го симне и да го објави. Каков шерет и боцкало беше кажува и една од пораките. „Јedva čekam da vidim knjigu. Ili kako reče Ceca Bojković u reklami za Teteks Tetovo - стануваме светски. Hvala, ili na bugarski, mersi."
Хвала ти и тебе Дејан, или на македонски - џабе што умре. Не ти брка тоа работа за да те нема.
(едночасовна емисија во која Дејан води екипа низ Лисабон)
Илина, Букбокс
Букбокс читанка за „Замалек“
Букбокс читанка за „Есторил“
Расказ од „Од кадешто бев веќе не сум“