Ново домашно милениче - чајна габа

Навидум ова и не е некоја тема за Букбокс. Ама има врска со социјални мрежи, младинска култура и што е најважно - со чај.

Меѓу младите во Кина се појави нов, необичен феномен, кој истовремено предизвикува згрозување и огромно внимание на социјалните мрежи: одгледување „чајни габи“ – односно мувла што се развива во флаширани чаеви – и нивно чување како миленици. Наместо хрчаци или златни рипки, за дел од младите Кинези најпосакуван придружник е мека, тркалезна маса што расте во остаток од чај и речиси не бара грижа.

Феноменот започнал на социјалните мрежи, каде корисници објавуваат фотографии од бели или полупроѕирни габични формации што се појавуваат во популарни флаширани чаеви, откако ќе се остават отворени неколку дена. Овие „чајни габи“ можат да пораснат и до големина на топче за пинг-понг, а ентузијастите меѓусебно споделуваат едноставни „упатства“ за поттикнување на нивниот раст – најчесто доволно е шишето да се остави отворено на топло и темно место, на пример во автомобил.

Прашањето зошто младите свесно одгледуваат мувла, води до неколку карактеристики на современата младинска култура. Пред сè, тука е желбата за новина и неконвенционалност: во преполн дигитален простор, миленик што е чуден, неочекуван и малку бунтовен лесно се издвојува и станува некаков симболичен отпор кон нормите, дека мора да се чува мачка или златна рипка. Понатаму, ваквиот „миленик“ е исклучително лесен за одржување, што им одговара на урбаните млади луѓе со динамичен живот и мал простор, кои сепак сакаат чувство на грижа и поврзаност без обврските што ги носат традиционалните животни.

На крај, трендот е јасен одраз на културата „направи сам“, поттикната од социјалните мрежи: лесно е да се учествува, визуелно е атрактивен за споделување и создава заедница меѓу оние што експериментираат со своите „габични пријатели“. Иако производителите на пијалаци и стручњаците предупредуваат дека ваквите напитоци не треба да се консумираат поради можни здравствени ризици од непознати мувли, трендот покажува како една генерација успева да најде фасцинација и чувство на социјализираност и на најнеочекувани места.

извор

18 декември 2025 - 16:18