Падна рекордот на Џабар, центар со најмногу асистенции во НБА е Јокиќ

Веќе не е вест кога Никола Јокиќ ќе запише трипл-дабл, нешто што ноќеска го направи. Тој испиша нова историја и ги помести границите во НБА. Стана центар со рекорден број на асистенции во историјата на најквалитетната кошаркарска лига во светот.

Српскиот ас на мечот против Орландо, кој Денвер го доби со 126:115 стигна до 5.661 асистенција и со тоа го симна од тронот легендарниот Карим Абдул Џабар. Подвигот му успеа со 789 натпревари помалку.

Инаку тој е лидер сезонава според број на асистенции со 10,9 по натпревар, а вториот и третиот имаат по 9,2 и 9,1.

Но, уште позанимливо е што на само 30 години веќе има повеќе асистенции во кариерата од играчи како Џордан, Ајверсон, Дурент, Џинобили и Билапс. За 2-3 натпревари се очекува да го мине и Лери Бирд. 

Во последната минута од мечот, Јокиќ го извлече скокот што му недостигаше за 13-ти трипл-дабл сезонава и вкупно 177-ти (регуларен дел од сезоната), со што му фалат уште четири за да го мине Оскар Робертсон.

Натпреварот го заврши со 23 поени, 13 асистенции и 11 скока, а најефикасен беше Џамал мареј со 32 поени.

Денвер е втор на табелата во Западната конференција со 20-6, додека Орландо е седми во Источната конференција и има учинок од 15-12.

19 декември 2025 - 09:44