Кој е физичарот од Ем-ај-ти кој беше убиен во својот дом?

Нуно Гомез Луреиро, нуклеарен научник и професор на ΜΙΤ од Португалија, неодамна беше смртно застрелан во својот дом во близина на Бостон. Додека надлежните се во потрага по можниот сторител, јавноста развива теории - човекот се занимавал со развој на технологии кои би им ги испразниле џебовите на многумина на кои сега им се преполни.

Нуно Г. Луреиро, 47-годишен физичар и научник во областа на фузиската енергија, беше застрелан во понеделникот навечер (15.12.) во својот дом во Бруклин, Масачусетс, а подоцна почина од здобиените повреди. До вчера (среда), нема осомничени и уапсени, иако е покрената истрага за убиство.

Луреиро се приклучил на MIT во 2016 година, а минатата година бил назначен за директор на Центарот за фузија и проучување на плазма, една од најголемите лаборатории на универзитетот, во која работат над 250 истражувачи распоредени во седум објекти. Неговата цел била унапредување на технологиите за чиста енергија и други напредни научни истражувања.

Пораснал во Визеу, во централна Португалија, студирал во Лисабон, а докторирал во Лондон. Пред да дојде на MIT, работел како истражувач во институт за нуклеарна фузија во Лисабон. Бил женет, со три деца. 

Неговите колеги го опишуваат како исклучителен ментор, пријател и лидер, ценет по својата емпатија и човечки пристап. Поранешниот директор на Центарот, професорот Денис Вајт, изјави дека Луреиро бил универзално почитуван во академската заедница. Сочувство изрази и американскиот амбасадор во Португалија.

Истрагата за убиството во Бруклин се одвива паралелно со потрагата по вооружен напаѓач во Провиденс, Род Ајленд, кој во саботата усмрти двајца студенти и повреди уште девет на Универзитетот Браун. Но Федералното биро за истраги соопшти дека засега нема сознанија за поврзаност меѓу двата случаи.

Истовремено, Израел наводно покренал истрага за можни ирански врски со убиството на професорот. На социјалните мрежи циркулираат разни теории, меѓу кои и такви кои сметаат дека Луреиро бил „тргнат“ затоа што неговата работа би ставило крај на фосилните горива и би претставувала закана за гигантските цифри кои ги прават енергетските индустрии во моментов. Истовремено, тоа би значело и геополитичко поместување на силите поврзани со нафта и гас, што значи и директно влијание врз глобалната економија. 

Минатата година, при преземањето на раководството на лабораторијата, Луреиро изјавил дека MIT е место каде што се бараат решенија за најголемите проблеми на човештвото и дека фузиската енергија има потенцијал суштински да ја промени историјата на човештвото.

18 декември 2025 - 10:50