„Мечка“ е јапонско канџи на 2025-та

Симболот 熊, што значи „мечка“, е избран за канџи на годината во Јапонија за 2025 година, по гласање на јавноста. Изборот ја одразува атмосферата на годината, која многумина ја доживеале како тешка и вознемирувачка, а честите вести за диви мечки што навлегуваат во населени места и напаѓаат луѓе исто така одиграле улога. 

Метафоричната (но и многу реална) на моќно, неконтролирано животно што се приближува до човечкиот простор направи знакот „мечка“ да избие на првото место во традиционалниот избор на канџи на годината во Јапонија. Во многу тесна трка влезе и знакот 米, што значи „ориз“, но исто така е и ознака за САД (бидејќи фонетски се чита „ме“ па во нивниот систем со слогови се користи како кратенка за А-ме-ри-ка).

Канџито на годината традиционално, од 1995, го прогласува Јапонската фондација за тестирање на познавање на канџи на 12 декември, датум што симболично се поврзува со идејата за „еден добар знак“. Победникот се избира преку гласање, при што може да се гласа по пошта, во книжарници или онлајн. Во 2025 година, „мечката“ убедливо ја поттикна имагинацијата на јавноста, токму затоа што, за разлика од други победнички канџи од минатото со повеќе значења, овој има едно јасно и конкретно значење, поврзано со реална закана и чувство на несигурност.

Второто место го освоило канџито 米, кое симболизира и оризот како основна храна, чија цена продолжува да расте и да ги загрижува граѓаните, но и САД, кои во 2025 година се доживуваат како сè понестабилен сојузник на Јапонија. На третото место се најде знакот 高, што значи „високо“ или „скапо“, алудирајќи и на растот на цените, но и на презимето на новата премиерка Санае Такаичи, која во октомври стана првата жена на таа функција. Такаичи се состои од два знака, така - висок, значаен и ичи - пазар, град. 

Четвртото место го зазеде канџито 脈, што значи „пулс“, кое гласачите го поврзале и со чувството за историски момент, и со името на маскотата на Експо 2025 во Осака. Останатите канџи во првите десет ја одразуваат сликата на година исполнета со промени, нови почетоци и значајни пресврти: „промена“, „изобилство“, „жена“, „ново“ и „прво“. Заедно, тие даваат мозаик од симболи што ја опишуваат 2025 година како период на несигурност, но и на историски моменти и општествени поместувања.

„Пари“ - канџи на 2024 претходно тука

„Данок“ - канџи на 2023 претходно тука

16 декември 2025 - 08:32