Јапонски симбол на 2024: пари

Канџито 金, кое означува злато или пари, е победник на онлајн гласањето за збор/симбол на годината што полека изминува. Изгледа дека Јапонците барем последниве две години се опседнати со економијата, бидејќи лани симболот беше - данок.

Канџито, јапонскиот симбол за „злато“ односно за материјално богатство, е одбрано како најкарактеристичен за годината што изминува. Тоа се поврзува со големиот број златни медали кои Јапонија ги освои на Париската олимпијада, но и со финансиските скандали кои ја тресеа политичката сцена во оваа земја во 2024. 

Изборот на „еден добар симбол“ во Јапонија се случува на 12.12. Тогаш Фондацијата за тестирање на познавањето на канџи-симболите кои се користат во јапонскиот (а се историски всушност од кинеското писмо) го прогласува канџито на годината. 

Ова е петти пат во историјата на конкурсот кој започнал во 1995 симболот за „кин“ или „кане“ (обете со значење злато) да е најпопуларен. Секогаш кога победувал имало летни олимписки игри, а истото се случува и оваа година. Но и покрај ваквата асоцијација, голем број гласачи сега го одбрале поради скандалите поврзани со владеачката Либерално-демократска партија, како и поради потребата на голем број Јапонци да работат на повеќе работни места (некои од нив и во сивата зона на законот) за да можат да опстанат. Истовремено, во Јапонија оваа година беа воведени нови хартиени банкноти, што во тамошната економија, која главно почива на готовина, беше следено со големо внимание (види претходно „Големиот бран кај Канагава“ се најде на јапонски банкноти).

На второ место се најде канџито 災 (се чита саи или вазаваи) со значење „катастрофа“. Трето место е канџито за „шо“ (скок, напредување) што е дел од начинот на којшто се пишува името на многу популарен бејзбол играч Отани Шохеи кој оваа сезона играл со Лос Анѓелес Доџерс. 

Минатата, 2023-та година канџи на годината беше „данок“.

16 декември 2024 - 18:38