Јапонците го одбраа „данок“ за канџи-симбол на 2023

Победникот во натпреварот за збор, односно канџи-симбол на 2023-та, го отсликува стравот од растечките даноци како и генералните поскапувања на жителите на Јапонија. Второто место е за симболот за „жешко“, што се должи на високите температура со кои се соочи земјата ова лето. 

Знакот од јапонскиот систем на пишување, кој се чита како „зеи“ или „муцуги“ (税), е откриен минатата недела во будистичкиот храм Киомизу во Кјото. Главниот свештеник, Сеихан Мори, пред претставниците на медиумите го нацрта со четка на големо парче хартија наречено „ваши“. Симболот, кој најдобро го отслика расположението во земјата, привлече 5.797 гласа од вкупно 147.878. Натпреварот го организира Јапонската фондација за тестирање способности, која ваквиот избор го прави од 1995.

Второто место му припадна на канџи-то „шо/ацуи“, што означува жешко. Ова произлегува од прежешкото лето кое се случи оваа година во Јапонија и загрженоста од ефектите на климатските промени.

Конфликтите во Газа и Украина исто така го привлекоа вниманието, со тоа што симболот за војна (икуса/татакуи) е на третото место.

Додуша, на списокот се нашле и симболи инспирирани од помалку сериозни настани: четвртото, петото и шестото место го заземаат знаците за тигар, победа и топка. Ова е инспирирано од Ханшин Тајгерс, бејзбол тимот кој прв пат го освои националниот куп од 1985. 

Сепак, најмногу гласови доби симболот кој ја отсликува состојбата на третата по големина економија во светот. Иако владата на премиерот Фумио Кишида неодамна промовираше пакет даночни олеснувања кои би го намалиле притисокот врз домаќинствата, постои страв дека во иднина даноците ќе растат, особено поради трошењето во безбедносниот сектор како резултат на загриженоста околу воената активност на Кина во регионот и нуклеарната програма на Северна Кореа. Оваа година беше воведен и нов систем на плаќање кој подразбира дека хонорарците и самовработените плаќаат повисоки давачки. 

Ова не е прв пат симболот за данок да е избран за канџи на годината. Истото се случи и во 2014, кога данокот на производи за широка потрошувачка порасна од 5-8%. Оваа година Јапонија ги избегна огромните инфлациски стапки во другите големи економии, но сепак во текот на годината пораснале цените на над 32.000 прехранбени производи. 

извор

18 декември 2023 - 08:22