На 17 декември 1994 (доцниме еден ден), Македонија го пречека Кипар во квалификациите за ЕП 1996.
Во тоа време, токму Кипар е една од земјите која го блокира членството на нашата земја во ОН. На јарболот на Градски не се вее знамето на Македонија, но затоа трибините се преплавени со македонски знамиња.
И покрај студеното време, амбиентот е топол. Јужна крца, а има публика и на другите трибини. Химната во тоа време се интонираше со воен оркестар и тоа даваше подруг шмек.
Резултатски гостите поминаа лошо, бидејќи се соочија со силен противник, кој во 4 сабајле да не разбудите, ќе ви го кажеме на памет и тоа со се клупа.
Ова беше прва победа на нашата репрезентација во официјален натпревар, а заврши 3:0 со хет-трик на Бошко Ѓуровски.
Внимавајте добро:
Целески, Станојковиќ, Бабунски, Јаневски, Најдоски, Стојковски, Марковски, Б.Ѓуровски, Мицевски, Бошковски, М.Ѓуровски. Резерви: Трајчев, Мемеди, Јовановски, Серафимовски, Петрески. селектор: Андон Дончевски