Aмериканскиот психијатар Даглас Кели по Втората светска војна бил ангажиран да ги процени менталните состојби на водечките нацистички функционери пред почетокот на Нирнбершките процеси, a откритијата до кои дошол не биле прифатени со воодушевување од јавноста. Неговите заклучоци биле шокантни ,затоа што не се вклопувале во доминантната претстава за нацистичките водачи како „чудовишта“ или психопати.
Основата за новиот филм „Нирнберг“, уште една екранизација на судењата кои се одвиваа во овој град по Втората светска војна, е книгата на Џек Ел-Хај, која ја опишува сложената врска меѓу Кели (го игра Рами Малек) и Херман Геринг (одличниот Расел Кроу), еден од највисоките преживеани нацистички команданти.
По капитулацијата на Германија во 1945 година, сојузниците не биле сигурни што да прават со 22-та највисоки нацистички функционери. Некои, како Черчил, сакале тие веднаш да бидат погубени. Сталин преферирал спектакуларни судења, додека американскиот обвинител Роберт Џексон инсистирал на јавен и правно уреден процес. Целта била да се покаже дека дури и во однос на најтешките злосторства, правото и разумот треба да надвладеат над одмаздата. За таа цел бил создаден Меѓународниот воен трибунал, а пред почетокот на судењата биле вклучени психијатри, меѓу кои и Кели, за да се утврди дали обвинетите се ментално способни да им се суди и да се спречи евентуално самоубиство.
Филмот го прикажува односот меѓу Кели и Геринг како психолошка игра на манипулации. Кели сака да разбере како обични луѓе станале дел од систем на масовни злосторства - ова го прави делумно од идеалистички причини, но и од амбиција да напише успешна книга. Геринг, интелигентен и свесен за својата позиција, го препознава тоа и му става до знаење дека токму тој може да му обезбеди слава. Откако Кели му помага да се ослободи од зависноста од дроги, меѓу нив се развива одредена доверба, а Геринг го замолува да пренесува писма до неговата сопруга и ќерка, иако тоа е спротивно на воените правила.
Филмот прикажува дека Кели редовно ги носел тие писма и дека поради тоа, како и поради непромислени изјави во медиумите, бил отпуштен. Во реалноста, приказната е покомплексна. Според некои извори, Кели имал одобрение од надлежните и доставил само едно писмо, по барање на Геринг и со посредство на високи американски функционери. Во секој случај, тој не бил казнет, туку унапреден, а подоцна доброволно се вратил во САД, желен да започне со пишување.
Во филмот е опишано и ривалство помеѓу кели и други психијатар, Густав Гилберт. Тоа кулминира со физичка пресметка, но во стварноста конфликтот бил интелектуален и професионален. Двајцата првично планирале заедничка книга, но се разишле околу интерпретацијата на резултатите. Кели сметал дека нацистичките лидери не биле психички болни, туку опасно „нормални“ луѓе со авторитарен карактер, додека Гилберт ги гледал како психолошки изопачени личности. Нивниот однос се влошил поради обвинувања за кражба и манипулација со податоци, но никогаш не дошло до физичка тепачка.
На крајот, Гилберт постигнал поголем јавен успех, бидејќи неговата книга, која ги прикажувала нацистите како уникатно зло, била подобро прифатена. Кели, пак, бил непопуларен затоа што тврдел дека такви луѓе постојат во секое општество и дека и САД не се имуни на авторитарни тенденции. Во време кога земјата штотуку излегла од војна против фашизмот, таквата порака не наишла на разбирање. Судбината на Кели е во суштина трагична и завршува со самоубиство, идентично како и она на Геринг.