Скопје, тоа е еден удобен, питом, доста среден град, а најинтересно е што е и прилично духовит, главно несвесно и на своја сметка. Исто така, тоа и не е баш некое странство, или барем јас не се чувствувам така, но сепак ова ми се смета како прва меѓународна промоција на „Замалек“.
Во центарот на Скопје на памет на човек му паѓаат различни споредби, некој вели Дизниленд, некој Холивуд, друг Боливуд, а мене најмногу ми личи на она кога деца си играат, па ќе се распиштолат низ детска, но тоа треба да се богати деца, да имаат многу играчки. Интересно е дека сето тоа не е нагласено грдо, само е без стил, но ни тоа не иритира толку, туку повеќе влече на бизарно и смешно, а на турист пак му е интересно. Како на Скопјаните центарот да им личи на виц, барем јас како Белграѓанин тоа така го разбирам, и ние имаме споменици со лопата да ги ринеш, и уште им нема крај, а тие барем знаат дека е готово, дека е тоа тоа и нема повеќе.
Не знам дали е тоа така со секој Србин, но докажано е дека Македонците кога зборуваат ги разбирам од збор до збор, не морам ни да се напрегам, ги разбирам дури и кога си зборуваат меѓусебе. А ме разбираат и тие мене. Во Софија сфатив дека Бугарите не ги разбирам ако не зборуваат полека, а тие и Македонците се разбираат, не ми е јасно како. Инаку, во Скопје главниот впечаток ми е дека народот е некако кроток, питом, на рана да ги ставиш. И многу млади луѓе има по улиците.
Значи тука се чувствувам како дома, тука ми се преведени сите три книги кои ги имам објавено, но тука кај Камениот мост кон Соборна беше куќата на прадедо ми, тука е родена баба ми по татко, во комшии растеше дедо ми, иако е Врањанец, тука одеа заедно во гимназија, тука се омажила и заминала во Белград на студии. Тука го донела мојот мал татко од Белград да го крстат во црквата св. Спас.
Куќата на прадедо ми падна во земјотресот, има на Филмски новости кадар - седи баба во црнина пред рушевините, на неа семејниот накит, да не ѝ го украдат и ѝ течат солзи. Тоа е мојата прабаба-Матилда, мајка на баба Политима. Во Скопје кога бев мал баба ми секоја година ме носеше кај сестрите, со воз, македонскиот е прв странски јазик што го имам слушнато. Мене тука ми е сè потаман, само што веќе немам никого во градот. Бабите-тетки одамна умреа, мојата генерација се отсели во Америка, добро им е таму, единствен со којшто се дружев со години беше братучедот на татко ми, Радко. Тој по земјотресот учел гимназија кај моите во Белград и им останал како некој придружен брат, на него се сеќавам од мали нозе само по убаво, беше весел, свиреше клавир, пееше. Нему му го посветив македонското издание на книгата, но на промоцијата го немаше, затоа што неодамна умре од корона. Сто пати помислував на него овие три дена, навистина ми недостасуваше. Конечно, толку пати ми го имаше развеселено престојот во Скопје, заслужи барем овој, еден, да ми го одбележи со тага.
А татко ми, кој во Белград во меѓувреме нешто се разболе, доби на подарок бамји и леблебии. Ќе се радува.
извор
Фото: Маја Аргакијева